Запален е автомобил на Србинка од Лепосавиќ, Косово

Во северно Косово повторно е запалено возило со косовски регистерски таблички.

Полицијата информираше дека денеска во регионот на северна Митровица е запалено едно возило со регистерски таблички на Република Косово, односно со ознаката РКС, јави дописникот на МИА од Приштина. Возилото е на жена од српска националност, жител на Општина Лепосавиќ. Нема повредени лица и е предивикана само материјална штета. Ова не е прв ваков случај.

Во Лепосавиќ на крајот на октомври беа запалени две возила, а минатата недела уште едно во општина Зубин Поток. Овие возила се во сопственост на локални Срби и сите со косовски регистерски таблички.

Владата на премиерот Албин Курти донесе одлука за промена на регистерските таблички издадени од Србија со таблички со ознаката РКС, на што се противат косовските Срби. Тие во знак на протест ги напуштија државните и локалните институции на Косово. Оние кои нема да ги променат табличките до 21 ноември ќе добијат укори, а по тој датум, во наредните два месеци, ќе следат парични казни. Од 21 јануари ќе им бидат издавани пробни таблички, а од 21 април ќе започне целосната примена на законот, односно ќе биде забрането движењето на возила со незаконски таблички издадени од Србија.

Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија на српската влада Петар Петковиќ оцени дека косовскиот премиер Аљбин Курти е уплашен и немоќен пред решителниот демократски одговор на Србите.

Курти изјави дека неговата влада ја зголемила координацијата со меѓународните сојузници поради ситуацијата создадена на северот од земјата по излегувањето на Србите од косовските институции.