Безредија започнаа на протестите против создавањето басени за наводнувае на земјоделските површини во општината Сен-Солен на западот на Франција, а според кадрите што ги емитуваше во живо телевизискиот канал BFMTV, група радикални демонстранти со заштитна опрема и импровизирани штитови се судрија со полициските сили.
Полицијата применува солзавец и водени топови. Демонстрантите со гас-маски и шлемови, заштитувајќи се со импровизираните штитови од млазевите од водените топови, врз полицијата фрлаат пиротехника и цврсти предмети.
Во пренос од протестите во живо на BFМTV беше наведено дека меѓу анархистите хулигани има и активисти од Италија, Германија и Шпанија. Во текот на судирите, неколку полициски возила кои биле поставени на безбедносниот параметар на теренот биле запалени со Молотови коктели. Според првичните податоци, досега се приведени 11 лица, а судирите продолжуваат и натаму.
И покрај забраната за масовни собири од страна на локалната префектура, на полињата во близина на спомената општина се собрале околу 6.000 демонстранти, меѓу кои забележливи се и цели семејства со деца.
Префектот на департманот Деу-Севр, Емануел Дуе пред почетокот на протестниот марш предупреди дека во областа пристигнале околу илјада радикали, добро подготвени и вооружени. Кај некои од уапсените, на пример, биле најдени и одземени метални топки за играта петанк (чијашто тежина вообичаено е до 800 грама), пиротехнички средства, плински боци и студено оружје. Ги повика мирните демонстранти да се дистанцираат од агресивните за да избегнат повредување при можни немири.
Протестите против изградбата басени за наводнување во општината Сен-Солен започнаа уште минатата година. Проектот вклучува правење 16 резервоари со вкупна зафатнина од неколку стотици илјади кубни метри вода. Земјоделците и властите планираат собирање вода во нив во текот на зимите и пролетта којашто би ја користеле во текот на сѐ почестите летни суши за наводнување на земјоделските култури.
Локалното население се спротиставува на плановите на властите, укажувајќи на можната штета врз животната средина при градежните работи, како и испумпување на подземните води што може да доведе до пресушување на природните акумулации. Покрај тоа, демонстрантите сметаат дека земјоделците кои имаат намера да ги користат таквите резервоари „ја уништуваат почвата со интензивните методи на обработување“.