Во Прилеп запалено уште едно возило на раководителка во општината

Утрово во СВР Битола – ОВР Прилеп било пријавено дека околу 1 часот по полноќ на улица „Киро Нацевски Фетак“ било опожарен автомобил „пежо“, со прилепски
регистарски ознаки, сопственост на Р.Н.(65) од Прилеп. Пожарот, како што велат од СВР Битола бил изгаснат од страна на Територијалната противпожарна единица Прилеп, а нема повредени. Увид извршила увидната екипа на ОВР Прилеп.

Од Обвинителството велат дека ОВР Прилеп не ги известила за опожарувањето на ново возило и оти за настанот им било кажано во утринските часови, по допрен глас. Опожареното возило е сопственост на лекар од Прилеп, а неговата сопруга е раководно лице во Општина Прилеп.

„Ова е обид за повторно нарушување на безбедносната состојба во Прилеп. Општината и Советот на Општина Прилеп веќе неколку месеци бараат одговорност од Министерството за внатрешни работи и ОВР Прилеп. Но, се чини дека после сите апели од градоначалникот и советниците, централната власт и надлежните институции остануваат глуви и ги оставаат граѓаните на Прилеп секоја ноќ да стравуваат за својата безбедност и безбедноста на својот имот.н Општина Прилеп го осудува чинот на насилство, кој последователно се случува во Прилеп и го нарушува јавниот ред и мир во градот. И бара под итно да се стави крај на ваквите немили сцени кои влеваат страв и несигурност кај граѓаните, а МВР и ОВР Прилеп да понесат одговорност и да најдат начин да превенираат во зачувувањето на редот и мирот со цел во иднина да не се повторуваат вакви застрашувачки сцени, стои во соопштението на Општината.

Инаку, од ноќеска на осомниченото лице Д.Ј. за опожарувањето на возилата на
пратеникот Петар Ристески му е определен притвор во траење од осум дена. Истрагата во врска со овој случај продолжува.