Со презентација на материјални докази и фотографии на кои на барање на одбраната ќе се прикажува запленета облека на Бојан Јовановски продолжува судењето за предметот „Рекет“.
На јануарските рочишта Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција презентираше разни брендирани обувки, кошули, наметки од одземените 71 вреќа од домот на првообвинетиот, но тогаш, а и подоцна одбраната реагираше дека дел од прикажаната облека е купена многу порано во 2013 година, а не во периодот во кој Јовановски е обвинет дека го сторил кривичното дело, а дека парите од рекетот ги перел со купување скапа гардероба.
По ова, процесот ќе продолжи со сослушување на сведоците на поранешната обвинителка Катица Јанева, а потоа и со прикажување на доказите на одбрана.
Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ и за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец на првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти декември минатата година, призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание“, по што беше осуден на три години затвор. Пресудата против него не е правосилна затоа што одбраната најави жалба пред Апелацискиот суд во Скопје.