Запленетото овошје и зеленчук од Кванташки донирано во повеќе установи во државата

Домот за деца без родители „11 Октомври“, затворот „Идризово“, Државното училиште за рехабилитација за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ се дел од установите каде е донирано запленетото овошје и зеленчук од вчерашната акција на Кванаташкиот пазар од страна на ДПИ, Агенцијата за управување со одземен имот, Управата за финансиска полиција и МВР.

Овошјето и зеленчукот што вчера инспекторите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) го запленеија од нерегистрираните трговци на Кванташкиот пазар, е донирано во установите каде што истото е најнеопходно.

Ова го соопштија од Агенцијата за управување со одземен имот по вчерашната заедничка акција со ДПИ, Управата за финансиска полиција и Министерството за внатрешни работи (МВР).

Од Агенцијата додаваат дека запленетото овошје и зеленчук се донирани во домот за деца без родители „11 Oктомври“ во Скопје, Државното училиште за рехабилитација за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје, Универзитетската клиника за физикална терапија и медицинска рехабилитација во Скопје, Здружението за слепи лица во Куманово, Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“, Психијатриската болница „Скопје“, Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле, во Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Скопје и во затворот „Идризово“.

-Изразуваме благодарност до сите надлежни институции за дадената поддршката и цврстиот став за решавање на проблемот со високите цени на производите. Се работи за доброто на граѓаните и секое заобиколување на законите ќе се санкционира, затоа што системот мора да функционира во целост со доследно почитување на законските прописи, велат од Агенцијата за управување со одземен имот.

Оттаму велат дека за првпат се случува запленетата стока во истиот ден да биде донирана во овие институции и додаваат дека и натаму ќе продолжат со теренските активности.