Започна 75-то издание на Берлиналето

Меѓународниот филмски фестивал во Берлин, попознат како Берлинале, по 75-ти пат беше отворен во четвртокот вечерта со доделување на почесната Златна мечка на шкотската актерка Тилда Свинтон.

„Мислам дека има многу малку луѓе во филмскиот свет кои повеќе се поврзуваат со Берлин отколку Тилда Свинтон“, рече режисерот Едвард Бергер на свеченото отворање.

По доделувањето на наградата за животно дело „Златна мечка“, вон конкуренција беше прикажан новиот филм на германскиот режисер Том Тајквер „Светлина“.

За време на свеченото отворање, говорниците укажаа на нападот што се случи претпладнето во четвртокот во Минхен, кога Авганистанец со автомобил повреди околу 30 лица.

„Иако ние овде ја славиме церемонијата на отворањето на Берлиналето, со тешко среце сме со луѓето од Минхен“, изјави водителката на свеченото отворање, луксембуршката актерка Дезеире Носбуш.

Пред церемонијата на отворањето, неколку актери, како и новата директорка на Берлинале, Трисија Татл, изразија солидарност со израелскиот актер Дејвид Куни, кој е заробен од Хамас.

Недалеку од отворањето на Берлиналето, пак, неколку демонстранти протестираа со натписи „Слободна Палестина“.

Берлинале го негува имиџот на фестивал кој главно се фокусира на политички теми. Годинава во главната конкуренција ќе бидат прикажани 19 филмови, а победниците ќе бидат објавени на претпоследниот фестивалски ден, сабота 22-и февруари. Вкупно во десетте фестивалски денови ќе бидат прикажани над 200 филмови.

На свеченото отворање присуствуваа германската државна секретарка за култура Клаудија Рот, како и неколку министри за култура од европските земји.

Меѓу филмовите од поранешна Југославија, на овогодинешното Берлинале ќе биде прикажан новиот филм на српскиот режисер Желимир Жилник, „Враќање, или, Сонот и јавето на старата гарда“. Хрватскиот филм „Зајачки насип“ на режисерката Чејен Черниќ Чанак, кој светската премиера ќе ја има како дел од младинската филмска програма Генерација 14плус.

Меѓу меѓународните ѕвезди кои се очекува да присуствуваат оваа година се актерите Итан Хок, Тимоти Шаламе и Роберт Патисон.

Заедно со филмските фестивали во Венеција и Кан, Берлиналето се смета за еден од најважните филмски фестивали во светот. Берлинскиот меѓународен филмски фестивал е основан 1951 година, а од 1978 редовно се организира секоја година во февруари. Фестивалот доделува „Златна мечка“ за најдобар филм, „Гран-при“ на жирито, како и „Сребрени мечки“ за најдобар режисер, глумец, глумица, сценарио и филмска музика. Од 1992 година, фестивалот ја доделува и наградата „Теди“ за филм кој се занимава со ЛГБТ-популацијата.