Започна со работа реконструираната течна фарбара во БРАКО во Велес – инвестиција од 150 илјади евра

Вчера започна со работа новиот објект на „Течна фарбара“ во БРАКО, како една од седумте инфраструктурни единици од комплексот „Фарбара“ на БРАКО, за чија целосна реконструкција инвестирани се околу 150 илјади евра.

Со пуштање во функција на новата течна фарбара се заокружува процесот на инвестиции од над 250 илјади евра во погони на Одделот за финална обработка на метал кои вклучуваат механичка подготовка и површинско чистење, пескарење, сачмарење, рачна обработка со брусење и нанесување на завршен заштитен слој.

Освен течната фарбара, инвестициите опфаќаат изградба на нов погон за прашкасто фарбање и поврзување со автоматска фарбара, реновирање на погон за нова мануелна сачмара и изградба на погон за линиска сачмара.

Целта е поедноставување на завршните процеси на обработка на металните конструкции и елементи, пред тие да бидат вградени во крајниот производ.

БРАКО континуирано инвестира во унапредување на условите за работа и во технолошките процеси, ефективноста и ефикасноста во процесот на обработка на металот.