Австралија и Соединетите држави ги започнаа во петокот петнаесетдневните воени вежби во коишто учестуваат повеќе од 30.000 војници и учесници од 11 други земји, што треба да испрати порака за единство и моќ кога Кина сѐ повеќе се наметнува како сила во Индо-Пацифичкиот регион.
Откако првите беа оранизирани уште во 2005 година, американско-австралиски воени вежби се одржуваат на секои две години. Годинешните, меѓутоа, ќе бидат најголемите досега.
„Најважната порака којашто Кина може да ја извлече од овие вежби, и од сѐ што нашите сојузници и партнери го прават заедно, е дека сме искличително поврзани со темелните вредности кои постојат меѓу нашите бројни нации“, изјави американскиот секретар за морнарица Карлос Дел Торо во текот на церемонијата на отворањето на борбен брод во Сиднеј.
Вежбите, коишто се одржуваат на повеќе различни локации, ја покажуваат „посветеноста на Австралија во работата со нашите меѓународните партнери на одржувањето на безбедноста и стабилноста во нашиот регион“, изјави австралискиот министер за одбрана Ричард Марлес на истата свеченост.
Годинава првпат на овие вежби учествува и Германија, со 210 падобранци и маринци, во она што се опишува како јакнење на присуството на западноевропските земји во Индо-Пацификот.
Учесници од Индија, Филипини, Сингапур и Тајланд ќе присуствуваат како набљудувачи.
Австралија ја продлабочува безбедносната соработка со САД, Велика Британија, Нов Зеленд, но и со регионалните парнери како Јапонија и Индија, а истовремено настојува да ги поправи трговските врски со Кина кои се затегнати со споровите околу трговијата, вложувањата и безбедноста.
Кинескиот брод овој период е во близина на источниот брег на Австралија и се очекува дека ќе ги следи маневрите, најавија од австралиското Министерство за одбрана.