Започнува доделувањето на 50-те милиони евра што ќе ни ги даде ТАВ Македонија

Денеска попладне премиерот Зоран Заев и главниот и извршен директор и претседател на ТАВ Аеродроми Сани Шенер ќе започнат со доделување на првите договори за инфраструктурни проекти на 23 општини од ТАВ програмата.

Договорите на градоначалниците ќе им ги доделат вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак. На крајот од минатата година беа објавени проектите со точните суми на пари чија изградба ќе треба да биде финансирана од 50-те милиони евра на ТАВ Македонија во договорот за пренамена на средствата што требаше да се потрошат за карго аеродромот во Штип, инаку обврска која операторот ја превзеде со добивањето на концесијата над аеродормите.

Станува збор за сума од точно 49.743.119 евра од Договорот за концесија склучен во 2008 година. За промената на намената на дел од средствата е добиена согласност на 30 ноември годинава од ТАВ Македонија како инвеститор и ТАВ Хавалиманлари Холдинг како референтен оператор.

Најмногу пари од 98-те проекти, архивирани на 11 декември, ќе добие АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор. За 904.050.000 денари ќе треба да го подобри терминалот на Аеродром Скопје и да го модернизира и прошири терминалот на Аеродром Охрид. Град Скопје ќе добие 204 милиони денари за проектот кај Mомин Поток Петља и 178,5 милиони денари за изградба на мостот Карпош.