Започнува скринингот во основните училишта

Од денеска започнува скринингот во основните училишта каде е зголемен бројот на новозаболени од Ковид-19.

Вчера на прес-конференција претседателот и портпаролот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски и Злате Мехмедовиќ истакнаа дека зголемениот број на случаи било аларм да се иницира ваков скрининг кој ќе покаже каква е трансмисијата на вирусот меѓу учениците.

„Комисијата донесе заклучок внимателно да се следи и анализира состојбата во училиштата и доколку се утврди какво било зголемување на бројките помеѓу учениците во однос на новозаразени да се направат скрининг тестирања во училиштата со цел да се утврди реалната состојба и опасноста за поширока трансмисија на вирусот помеѓу учениците. Токму поради тоа утре започнуваме со скрининг во  основните училишта каде бројката на новозаразени е зголемена. Во средните училиште таква состојба нема. Таму се следи епидемиолошката состојба и согласно извештаите од Институтот за јавно здравје е стабилна. Меѓутоа, загрижувачките бројки кои ги добивме од основните училишта беа аларм да иницираме и да аплицираме еден ваков скрининг што ќе ни покаже каква е трансмисијата во основните училишта“, рече Мехмедовиќ.

Тие посочија дека обезбедени се тимови, здравствени работници кои ќе го спроведат скринингот и кои согласно методологијата што е утврдена ќе ги соберат податоците, кои ќе бидат доставени на анализа во Институтот за јавно здравје и епидемиолошките служби, со цел да се обезбеди нивна статистичка обработка и да добиеме реална слика за тоа како се пренесува вирусот во основните училишта.

Исто така, од вчера на веб страницата на Министерството за здравство се достапни и препораките за лекување на КОВИД-19, кои се наменети за сите лекари кои се вклучени во лекувањето на пациентите.