Започнувa судењето на Бил Козби за наводите за сексуален напад

Граѓанското судење на Бил Козби за наводите дека тој нападнал жена кога таа била тинејџерка во средината на 1970-тите треба да започне во среда во Санта Моника, Калифорнија, иако поранешниот актер не планира да присуствува.

Џуди Хут го тужела Козби во 2014 година, тврдејќи дека поранешниот актер и комичар ја донел во вилата на Плејбој и ја принудил на сексуален чин околу 1974 година, кога имала 15 години. Таа бара неодредена отштета за сексуалното и емоционално вознемирување и злоупотреба на малолетничка.

Во нејзината тужба, Хут вели дека таа и една пријателка го запознале Козби на филмски сет, а тој ги поканил девојките да се сретнат со него следната недела, кога ја натерал Хут да пие пиво и наводно ја однел во кревет во вилата во Лос Анџелес.

Адвокатката на Козби, Џенифер Бонжан, рече дека е уверена дека доказите ќе го негираат тврдење на тужителот. Друг адвокат на Козби пак, потврди дека тој нема да биде присутен во среда во судницата.

Глорија Алред, која ја застапува Хут, рече дека нејзината клиентка не го коментира случајот, пренесува Ројтерс.

Козби (84) е најпознат по улогата на саканиот сопруг и татко во телевизиската хумористична серија од 1980-тите „Шоуто на Козби“, поради што го доби и прекарот „Таткото на Америка“.

Неговата семејна репутација беше уништена откако повеќе од 50 жени го обвинија за повеќекратни сексуални напади во текот на речиси пет децении.

Во 2018 година, Козби беше прогласен за виновен за дрогирање и малтретирање на Андреа Констанд, кое се случило во неговиот дом во 2004 година.

Врховниот суд на Пенсилванија ја поништи пресудата во јуни 2021 година, откако Козби отслужи повеќе од две години затвор.