Од денеска па се’ до седми март ќе трае увидов во Избирачкиот список, за претстојните претседателски избори, во кој што се впишани еден милион 787 илјади и 350 граѓани, од кои 68 илјади и 704 лица се водат како иселени.
Граѓаните во подрачните единици и канцелариите на Државната изборна комисија (ДИК) или преку веб-страната на Комисијата ќе можат да проверат дали ги има во Избирачкиот список.
Првпат оваа година и дијаспората ќе гласа за претседател на државата. Според Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на изборите за претседател на Република Македоија, денеска треба да започне и јавниот увид во посебните изводи на Избирачкиот список во Дипломатско-конзулартните претставништва на Македонија за лицата на привремена работа или престој во странство.
До седми март државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство можат по електронска пошта преку ДКП-та или до ДИК да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на податоците од посебните изводи од Избирачкиот список. На 1 февруари, пак, започна да тече и рокот во кој граѓаните од дијаспората ќе можат да поднесат пријава за гласање за претседателските избори.
Избирачкиот список е доставен до ДИК од страна на Државниот завод за статистика на 2 февруари оваа година и е резултат на прво законско редовно ажурирање на податоците добиени од страна на Министерство за внатрешни работи во февруари 2014 година и содржи податоци за граѓаните со состојба заклучно со 1 февруари оваа година.
Денеска започнува и собирањето потписи за кандидат за претседател од група избирачи кое ќе трае до 2 март. Претседателот на ДИК Никола Рилкоски минатата недела најави зголемување на бројот на местата каде што независните кандидати ќе може да ги собираат потписите од 34 на 80-тина.