Започнуваме процес за независен Судски совет ослободен од какви било политички влијанија, вели Филков

Очигледно досега функционалноста на Судскиот совет беше доведена во прашање во неколку наврати. Започнуваме отворен и транспарентен процес со присуство на експертската јавност, меѓународните организации, како и дел од невладините организации за изнаоѓање најквалитетни можни решенија за функционален пред се независен Судски совет ослободен од какви било политички влијанија, порача министерот за правда Игор Филков пред почетокот на првата од четирите предвидени јавни дебати што ќе ги организира Министерството за правда.

Идеја е, нагласи Филков, четирите дебати ширум Републиката да завршат негде до крајот на декември, по што ќе се излезе со решение. Најпрво, како што подвлече, е да се слушне мислењето на присутните, а потоа на крајот на процесот ќе излезат и со нивни предлози.

Заклучоците и препораките од тркалезната маса, како што е најавено, ќе бидат основа за понатамошно подобрување на текстот на измените и дополнувањата на законот за судскиот совет.

Настанот, како што информираат од Министерството за правда, е во соработка и со поддршка од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.