Владата на Република Македонија им се приклучи на стотиците значајни знаменитости и институции ширум целиот свет коишто вчера блеснаа во портокалово во знак на поддршка на ставањето на крај за насилството врз жени и девојки, што го означи и почетокот на кампањата „16 дена активизам против насилство врз жени и девојки“.
На настанот свое обраќање имаа претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев којшто во оваа прилика истакна:
Владата на Република Македонија е посветена на системско унапредување на родовата еднаквост и елиминирање на сите форми на насилство врз жените. Работиме на јасни и недвосмислени законски решенија со коишто се спречува насилството и се штитат жените жртви на насилство. Насилството врз жените не е само женско прашање, туку прашање кои се однесува на секој еден од нас. Токму затоа мора да работиме заеднички да ставиме крај на истото“.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска го потенцираше прогресот во акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција притоа потенцирајќи дека Владата веќе иницира измени на кривичниот законик, но и воспостави интерсекторска соработка и протоколи за третман на жртви на насилството.
Без одлучност и конкретна акција секоја боја ќе остане само боја. Во следните 16 дена Владата ја осветлуваме во портокалово, по повод Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените. Меѓутоа, против насилството врз жената треба да се бориме секој ден, да создаваме услови за препознавање на ризикот, пријавување и трајно извлекување на жените од насилната средина. Голема почит и благодарност кон сите оние кои секојдневно работат да им овозможат помош и поддршка на жените жртви на насилство. Секој од нас може да спречи насилство, рече министерката Царовска.