Започна примената на „Мој ДДВ“ – ВМРО ДПМНЕ обвини: мерката ќе доживее фиjаско

Сите фискални сметки кои од денеска ќе ги добиваат граѓаните можат да бидат искористени за поврат на 15 проценти од платениот Данок на додадена вредност ( ДДВ ), фискалните сметки ќе имаат важност од 10 дена. Исклучок од повратот се компјутерските фискалните сметки и тие кои што надминуваат сума од 30.000 денари. Мерката за официјален старт ја најави директорката Сања Лукаревска промовирајќи ги бар код читачите, паметните телефони и киоск апаратите кои ќе бидат во служба на граѓаните кои не поседуваат паметни телефони но ќе можат да се обратат директно во сите дирекции на УЈП во земјава. Останатите граѓани кои веќе се регистрирани на апликацијата „ Мој ДДВ “, можат да започнат со скенирање на фискалните сметки.

Едно физичко лице со оваа мерка годишно ќе може да оствари приход од 7.200 денари појасни Лукаревска, додавајќи дека четиричлено семејство пак годишно може да оствари 28.800 денари. Услов за поврат на ДДВ е граѓаните да имаат навршено 15 години, да поседуваат документи за идентификација, своја трансакциска сметка и да се регистрирани на системот на УЈП. За евентуални злоупотреби Лукаревскап отенцираше дека постојат и казни.

Од опозицијата пак обвинија дека мерката „ Мој ДДВ “ ќе доживее фијаско и дека од истата најголема корист ќе имаат најбогатите.

– „Со оваа мерка, сиромашните и просечните граѓани најмногу што можат да добијат се 156 денари во месецот или вкупно 1.872 денари годишно, што е далеку од ветените 30.000 денари.. “, – велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

За парите кои ќе се добијат како поврат на ДДВ граѓаните нема да плаќаат персонален данок. Првата исплата ќе биде во декември 2019 година директно на сметките на граѓаните, а потоа на секои три месеци, односно во февруари, мај, август и ноември.