12.8 C
Skopje
понеделник, мај 13, 2024

Започнува битката за достоинствено решение

страшо ангеловски

Креаторите на специјалната војна во процесот за бришење на македонската држава, а пред се’ македонскиот народ, наметнаа една непостоечка дилема за наредниве претседателски избори – да се гласа или не. Вешто замаскирани зад паролите за екстремен патриотизам, според кои, со негласање се поништувал договорот од Преспа и ќе се вратело името на државата, тие директно удираат во чувствата на чесните и  искрени патриоти за кои се што наликува на можност да се спречи бришењето на името, идентитетот и историјата, е прифатливо, па дури и неизлегувањето на избори и негласањето за сопствената партија.

Па, искреирале теза дека со неучество на овие избори, кои нели според нивната теза се избори за „северна“ Македонија, ќе се создаделе услови за предвремени парламентарни избори на кои, пак, задолжително ќе треба да се учествува. Небаре тие избори нема да се одржат во истата држава и под истото променето име на гласачкото ливче. Па така, креаторите во оваа кампања вклучуваат и помали политички партии, надвор од коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ, кои претставуваат логистичка поддршка за тезата за бојкот на изборите. Тие во желбата за евтини политички поени го напаѓаат кандидатот на опозицијата дека, на пример, ќе учествува на изборите со државјанство со новото име на државата, што само по себе било доказ дека се работи за предавство, за легализирање на новата државна дивоградба, со еден збор, го напаѓаат за се’ што можат да се сетат. Истовремено, го молат бога час поскоро да се одржат парламентарни избори на кои тие како кандидати токму со државјанства со новото име на државата, со задоволство ќе учествуваат. Дури, кога ќе им дојде денот за пререгистрација на партијата ќе мораат да обезбедат илјада членови со доказ дека се државјани на државата со новото име. Но,тогаш ќе молчат и ќе молат за илјада „северни“ државјанства за да можат да ја продолжат својата политичка кариера.

Затоа овој текст не е наменет за креаторите и за нивната логистичка поддршка, туку само за чесните и искрени патриоти и граѓани на Република Македонија, бидејќи токму тие, не можејќи да се помират со хоророт кој ни го наметна насила инсталираното парламентарно мнозинство, доколку подлегнат на тезата за неизлегување на изборите, несакајќи ќе ја зајакнат позицијата токму на тоа нелегитимно мнозинство.

Имено, со своето неизлегување на изборите, иако свесни дека после истакнатите тројца кандидати не можат да влијаат на неуспешноста на првиот круг на изборите, туку само на намалување на гласачкото конто на кандидатот на опозицијата, ќе овозможатда се создаде лажна слика, која ќе биде испратена и до меѓународната јавност, дека ете мнозинството граѓани во Република Македонија се согласува со политиките на оваа инсталирана власт, давајќи глас или два повеќе на нејзиниот кандидат. Со негласањето во првиот круг од изборите, оние незадоволните од нештата што ВМРО ДПМНЕ не ги сторило, ќе ја казнат заслужено или не, сопствената партија, но исто како и на парламентарните избори во 2016–та и локалните во 2017-та, ќе ја казнат и Република Македонија со натамошно зацврстување на власт на нелегитимната коалиција на СДСМ и ДУИ.

ШТО ТРЕБА ДА СТОРИМЕ?

Треба да знаеме дека никој од местото на опозиција не може ништо да смени во која било држава, па и кај нас. Значи, ова се последователните потези кои се предуслов за успех во новата рунда на македонската вечна борба:

– Сите кои сакаат промени (враќање на вековното име и заштита на идентитетот, јазикот и историјата; прекинување на монтираните судски процеси, слобода за  неправедно осудените од 27 април, еднаков живот и правдина за сите, економски напредок и социјална сигурност…), прво мора да се заложат за промена на власта.

– Промената е можна само доколку се поддржи коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ, како единствена организирана политичка сила која тоа може да го стори. Нека не ве залажуваат креаторите на лажната реалност дека тоа може да го стори самоорганизиран народ, или некоја нова политичка партија која допрва би се формирала.

– Може да почне да се работи на сите посакувани промени само доколку се создаде ново парламетарно мнозинство.

– За да се дојде до ново парламентарно мнозинство потребни се час поскоро предвремени парламентарни избори.

– За да се издејствуваат предвремените парламентарни избори, потребен е исклучителен резултат на кандидатот на опозицијата во првиот круг од претседателските избори на 21 април. Таквиот резултат може да се постигне само со најмасовна излезност во знак на револт на уништувачките политики на оваа влада.

– После успешните, за опозицијата, претседателски избори, да започнат најмасовните континуирани протести со барање за предвремени парламентарни избори.

– Предвременте парламентарни избори да се одржат според мнозинскиот модел, при што Република Македонија би била поделена на 120 изборни единици со по приближно 15.000 гласачи. Пред нив ќе се претстави партијата, но и секој кандидат поединечно, со име и презиме, со успеси и неуспеси, со квалитети и недостатоци, при што конечно се создаваат услови за парламент составен од пратеници со квалитет, достоинство и интегритет.

Дури потоа, по победата на опозицијата на вонредните парламентарни избори, започнува вистиската битка. Битка за достонствени решенија. Битка која ќе биде пеколно тешка, но не и невозможна, посебно по изборите за европскиот парламент во мај, чии резултати многумина ќе изненадат, а може да предизвикаат промени во геополитичките разврски во блиска иднина.

Ова се аргументите заради кои МААК, како конзистентна, суверенистичка партија, дава подршка на кандидатот за претседател избран на конвенцијата на ВМРО ДПМНЕ, со надеж дека ќе биде моќен инструмент во демонтажата на оваа нелегитимна и насилно инсталирана власт. Секој наш глас ќе додаде сила во неговите раце. Од нас зависи.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес