Започнува процедурата за избор на директор на ОТА

Јавен оглас за избор на директор на Оперативно-техничката агенција, која со реформите на процесот на прислушувањето, треба да биде медијатор меѓу институцијата, која бара спроведување ПИ-мерки и онаа која ги спроведува е на дневен ред денеска на 46. седница на Собранието.

Пратениците ќе треба да се изјаснат за предлог-одлуката за објавување јавен оглас за избор на директор на ОТА.

Агенцијата со амандманските измени на Закокот за формирање на ОТА ќе има само директор, а не и заменик, како што претходно беше предвидено.

Директорот го избира и разрешува Собранието на предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Се бира со двотретински мнозинство и со бадинтерово мнозинство. Има мандат од пет години, без право на повторен избор.

За избор на директор се објавува јавен оглас во најмалку два дневни весници, кои се издаваат на целата територија на Република Македонија, од кои еден од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

Законите за следење на комуникациите и за ОТА, кои беа дел од пакетот реформски закони беа усвоени на 12 минатиот месец. Тие беа донесени со консензус, постигнат по разговорите во работните групи од страна на пратениците од владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Незаконското прислушување на над 20 илјади лица во Македонија, што со години го спроведувала поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ, а на почетокот на 2015 година го објави тогашниот лидер на опозицијата, Зоран Заев, преку проектот „Вистината за Македонија“, предизвика вистинска експлозија и во јавноста и во политичкиот естаблишмент, но и кај меѓународната заедница, со што повторно се актуелизира прашањето за безбедноста на системот за следење на комуникациите во земјата.

Поради тоа една од препораките на Прибе во процесот на реформите беше итно менување на начинот на кој се спроведува прислушувањето, со цел заштита на приватноста на граѓаните.

Во законското решение се прецизира дека ОТА не поседува технички можности за пристап до содржината на следената комуникација. ОТА е исклучиво техничко тело, кое нема можност да ја следи содржината на комуникациите, кои се предмет на ПИ-мерките.

Законското решение предвидува свичовите да се извадат надвор од УБК. Тоа се медијациските уреди што овозможуваат комуникација меѓу сигналот и провајдерите и техника за следење на комунукациите.

– Улогата на ОТА ќе биде само техничка, по добивањето на наредбата таа ја вклучува мерката, што подразбира дека го пренасочува сигналот кон корисникот односно барателот на услугите, тоа е нивниот дел, тие нема да можат да собират податоци, да слушаат, само можат да го вклучат сигналот. Сигналот го пренасочуваат кон корисникот кон барателот, тој пак ќе може само да слуша да собира податоци нема да може да приклучува. Сакаме да воспоставиме реална контролна моќ, тоа значи агенцијата ќе може да вклучува, ама нема да може да слуша, барателот ќе може да слуша, ама нема да може да вклучува, појаснува директорот на УБК, Горан Николовски.

ОТА се очекува да почне со работа од ноември 2018 година, а дотогаш за заштитата на приватноста на граѓаните и за спречување на евентуални злоупотреби веќе се грижи специјален подофицер, со свој тим.

МВР засега не соопштува каде ќе биде сместена ОТА, колку вработени ќе има, ниту пак колкави ќе бидат финансиските импликации за спроведувањето на овие реформи.

За реформите е склучено стратешко партнерство со хрватската служба, која е креирана по пример на британската.