Аргентина ја запре потрагата по 44-те членови на подморницата којашто исчезна пред петнаесет денови во Атлантскиот Океан, објави аргентинската воена морнарица, во врска со мистериознате несреќа во којашто како исчезната се води и првата жена подморничар во историјата на Аргентина, Елиана Марија Кравчик.
Според процените, екипажот во подморницата „Сан Хуан“ имал резерви од кислород со коишто можеле да преживеат само седум дена доколку пловилото потонало на дното, па потрагата и официјално е прекината.
„Изминаа двојно повеќе денови од можноста екипажот сепак да биде спасен. И покрај сеопфатната потрага не успеавме да ја лоцираме подморницата“, изјави портпаролот на аргентинската воена морнарица, Енрике Балби.
Кај членовите на семејствата на исчезнатите морнари има различни реакции. Некои се гневни поради тоа што морнарицата ги лажела веќе седум дена дека постои надеж нивните најблиски да бидат спасени, а други уште веруваат и се молат за чудо.
При последниот контакт екипажот на подморницата, покрај проблемите со електричната инсталација, пријавил и продор на вода, а меѓународни експерти веруваат дека е потопена поради имплозија во самата подморница. Претходно аргентинската морнарица објави за една експлозија која може да биде поврзана со исчезнувањето на „Сан Хуан“.
Последниот рапорт на командантот на подморницата, кој дојде во посед на аргентинските медиуми, посочува на поплавување на дизел одделот и краток спој.
Истовремено во петокот руското министерство за одбрана објави дека во Аргентина отпатувал тим од специјалисти на руската воена морнарица. Тие се наоѓаат веќе на аргентинскиот воен брод „Ислас Малвинас“, кој ќе ги пренесе нив и подводното пловило „Пантера плус“ до локацијата каде што се претпоставува дека исчезнала подморницата „Сан Хуан“, бидејќи потрагата по пловилото продолжува.