Турските власти ги суспендираа сите спортски натпревари во земјата на неодреден период откако силниот земјотрес кој го погоди југоистокот на земјата во кој досега има околу 2.000 загинати, а на списоците со исчезнатите лица се водат најмалку 16 спортисти.
Министерот за млади и спорт Мехмет Мухарем Касапоглу објави дека сите национални спортски натпреварувања се запрени поради последиците од земјотресот и продолженото тресење на почвата. Во понеделникот требаше да се играат три натпревара од турската прва фудбалска лига, но претходно беше објавени дека се одложени.
„Како што најави нашиот министер за младина и спорт, спортските натпреварувања се одложени, поради тоа ги одложивме натпреварите од нашите фудбалски лиги“, соопштија до челната фудбалска асоцијација на Турција.
„Како претседател на Турскиот фудбалски сојуз, ние сме на страна на нашата држава и нашата нација. Денеска мораме да дејствуваме повеќе од кога и да е обединети за заедно да ги залечиме нашите рани“, изјави шефот на сојузот Мехмет Бујукекши.
Турските медиуми јавија вечерва дека најмалку 16 спортисти се водат за исчезнати по разорниот земјотрес што денеска ја погоди Турција. Според истите извори, спасувачките екипи трагаат под урнатините во градот Хатаја по 14 одбојкарки од локалниот клуб. Одбојкарките се наоѓале во станбен објект што се урнал како последица на силниот земјотрес.
Под урнатините се наоѓа и фудбалерот на турскиот прволигаш Хатајаспор, 31-годишниот репрезентативец на Гана и пореншенн играч на лондонски Челзи, Кристијан Атсу. Хатајаспор во неделата вечер ја совлада на домашен терен Касимпаша со 1:0, а Атсу беше стрелец на единствениот гол во 97 минута.
Дел од турските медиуми јавија дека загинал голманот на Малатисјапор, Ахмет Ејуп Туркаслан, но претседателот на турскиот второлигаш Ахмет Јаман ја демантираше информацијата.
„Веста дека Ахмет Ејуп Туркаслан е мртов не е вистина. Се случи уште еден земјотрес додека спасувачките акции беа во тек. Затоа тимовите се повлекоа. Се надеваме дека ќе добиеме добри вести“, рече Јаман.
.Голем дел фудбалските клубови во Турција на своите социјални мрежи испратија пораки со сочувство и поддршка на жртвите во земјотресот.
Најавени се и конкретни акции за дарување крв, собирање храна, топла облека, опрема за домаќинствата и хигиенските продукти за областите погодени од разорната природна стихија.
Клубот Анталијаспор објави дека ќе испорача десет камиони со разни продукти неопходни за настраданите.