Приклучувањето во редицата до ковчегот на британската кралица Елизабета Втора во централен Лондон е запрено привремено на најмалку шест часови, откако е постигнат целосниот капацитет, објави во петокот претпладнето британската влада.
Властите ги предупредија оние кои сакаат да ѝ оддадат почест на починатата кралица да не се обидуваат да се приклучат во редицата во паркот Саутворк во југоисточен Лондон барем до 16 часот по локално време. Веста е испратена кога официјалната процена за чекање во редицата стасала до 14 часа.
Британскиот радиодифузер BBC во петокот објави дека пристапот до ковчегот ѝ е оневозможен и на кинеската делегација, којашто во понеделникот ќе присуствува на погребот на кралицата.
Дел од британските парламентарци ја критикуваа поканата за кинеската делегација, откако Пекинг санкционираше неколку пратеници поради придружувањето на критиките од САД за наводното кршење на човековите права во западната кинеска покраина Ксинџијанг на муслиманската етничка заедница Ујгури.
Без да ги наведе изворите, BBC пишува дека на кинеската делегација ѝ е забранет пристапот до ковчегот откако претседателот на долниот дом на парламентот одбил да им даде дозвола за пристап на Кинезите до ковчегот во Вестминстер Хол, во парламентот, поради воведените санкции.