Запрепастувачко е одбивањето на Норвешка да спаси руски морнари од бродот кој тонел

Запрепастувачки е случајот со норвешкиот брод кој одбил да спаси морнари од рускиот товарен брод, кој потона претходно седмицава во меѓународните води меѓу Шпанија и Алжир, соопшти во петокот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков опишувајќи го потегот како срамен случај.

„Ако навистина не била пружена помош на оние кои биле во неволја на отворено море, тоа е спротивно на сите поморски закони. Тоа е флагрантен случај што заслужува целосна осуда“, рекол Песков на редовниот брифинг со новинарите акредитирани во Кремљ.

Како што претходно објави руската новинска агенција РИА, повикувајќи се на службата за односи со јавноста на групацијата компании „Оборонлогистика“, сопственик на потонатиот руски брод, бродот кој плови под норвешко знаме „Oslo Carrier 3“ се наоѓал во близина на местото на несреќата „Урса Мајор“, но од непозната причина одбил да ги земе морнарите на бродот кога му се приближиле на чамец за спасување. Групацијата истакнува дека станува збор за грубо кршење на Меѓународната конвенција за спасување од 1989 година.

Подоцна екипажот на рускиот товарен брод беше спасен од шпанскиот брод „Salvamar Drago“.

Бродот „Урса Мајор“ е товарен брод изграден во 2009 година. Под руско знаме пловел од Санкт Петербург до Владивосток и почнал да тоне во Средоземното Море на 23-ти декември. Според ресурсот за MarineTraffic, бродот под руско знаме го напуштил Санкт Петербург пред 12 дена и требало да пристигне во пристаништето Владивосток на 22 јануари.

Компанијата сопственик „Оборонлогистика“ тврди дека причина за несреќата е терористички напад. Според сведочењето на членовите на екипажот, во средата од десната страна, во пределот на крмата, одекнале три последователни експлозии, по што се создала дупка на трупот и товарниот брод остро се накривил на десната страна.

Бродот потона 67 милји од шпанскиот брег и 45 од алжирскиот брег. Четиринаесет спасени членови на екипажот се пренесени во Картагена, двајца сѐ уште се водат како исчезнати. Во операцијата на спасување учествувале неколку пловни објекти, вклучително и шпанскиот спасувачки брод „Clara Campoamor“ и патролен чамец на шпанската воена морнарица.

Малку подоцна во петокот и заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев го обвини споменатиот брод под норвешко знаме дека одбил да ги спаси морнарите од рускиот товарен брод што потона во Средоземното Море, што е неоправдано дело.

Шпанската поморска спасувачка служба во вторникот соопшти дека во понеделникот добила сигнал за помош и дека на местото на настанот се испратени два брода и еден хеликоптер.

Медведев го обвини норвешкиот брод дека одбил да им помогне на руски морнари кои претпреа хаварија на море. Тој рече дека таквото однесување е дел од поширокиот модел на антируски акции од Европа што Москва ќе мора да ги казни со „сите расположливи средства“, вклучително и хибридни.