Заразените со коронавирус стабилни, во домашна изолација сите патници од автобусот

Новите двајца заразени лица од коронавирус, брачната двојка која на 27 февруари од Италија со автобус се вратиле во Македонија, се наоѓаат на Инфективна клиника во стабилна здравствена состојба, но поради нивната возраст тие влегуваат во ризична група, изјави министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција.

Сопружниците се од општина Центар Жупа, соседна општина на Дебар и биле во посета на свои блиски во Италија.

Филипче рече дека пронајдени се сите патници од автобусот со кој патувале двајцата заболени и дека за сите нив е препишана домашна изолација, надзор од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

– Сите патници се идентификувани, исконтактирани телефонски. Ќе биде назначена домашна изолација. Контактирано е со уште 9 лица кои биле во контакт и на сите им е назначена домашна изолација и здравствен надзор. Еден патник е жител на Албанија и за него го известивме и албанското Министерство за здравство – рече Филипче.

Возачот на автобусот во кој имало 28 патници, во меѓувреме повторно заминал за Италија со нова тура и од 13.30 часот денеска е на граничниот премин Табановце.

–  Автобусот е тргнат на страна, во посебна просторија во сопственост на Царинската управа, а возачот ќе биде прегледан и тестиран. Направен е целосен увид, дел интервјуа се завршени, а ќе се направат на сите патниици кои влегле во земјата – рече Филипче.

Тој информираше дека целосно е подготвен и објектот за изолација во Демир Капија, новоизграден објект на МТСП.

– Секој кој ќе добие симтоми на грип а патувал во некој од регионите каде има заболени или бил во контакт со такво лице да не оди на матичен лекар, туку помош да побара во епидемиолошките служби за да може брис за тестирање да му биде земен во домашни услови – апелира Филипче.