Комитетот за вонредни ситуации на Светската здравствена организација се состана вчера за да разговара дали да се прогласат мајмунските сипаници за глобална криза, јави ДПА. Тоа е втор состанок на комисијата во рок од неколку недели. Некои научници нагласија дека впечатливите разлики помеѓу епидемиите во Африка и оние во развиените земји ќе го комплицираат секој координиран одговор.
Африканските власти рекоа дека веќе ја третираат епидемијата на континентот како „вонредна состојба“.
Генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус на почетокот на состанокот на комисијата за вонредни состојби изјави дека останува загрижен за бројот на регистрирани случаи на зараза во се повеќе земји. „…Вирусот се уште се шири на други места, рече генералниот директор на СЗО, додавајќи дека шест земји ги пријавиле своите први случаи на зараза минатата недела.
Мајмунските сипаници се шират со децении во делови од централна и западна Африка, каде заболените диви животни понекогаш ги инфицираат луѓето во руралните области, но епидемиите останаа релативно територијално ограничени. Во Европа, Северна Америка и други делови од светот, болеста се шири најмалку од мај меѓу геј и бисексуалните мажи. Епидемијата во богатите земји веројатно била предизвикана од сексуален контакт за време на две забави во Шпанија и Белгија.
Во моментов има над 15.000 случаи на мајмунски сипаници ширум светот. Додека Велика Британија, САД, Канада и други земји купија милиони вакцини, ниту една од нив не отиде во Африка, каде посериозна варијанта на болеста веќе уби повеќе од 70 луѓе.
„Она што се случува во Африка е речиси целосно различно од епидемијата во Европа и Северна Америка“, рече д-р Пол Хантер, професор по медицина на британскиот Универзитет во Источна Англија, кој претходно ја советуваше СЗО за прашањата за заразни болести.
Оваа недела, здравствената агенција на ОН објави дека 99 отсто од сите регистрирани случаи на мајмунски сипаници надвор од Африка се кај мажи, а 98 отсто од нив се кај мажи кои имале секс со други мажи.
„Во овие многу активни геј секс мрежи, постојат мажи кои навистина не сакаат другите луѓе да знаат што прават и не секогаш знаат со кого имаат секс“, рече д-р Хантер. Некои од овие мажи можеби се во брак или имаат семејства кои не се свесни за нивната сексуална активност, што „го отежнува следењето на контактите…“, рече тој, објаснувајќи зошто вакцинацијата можеби е најефективниот начин за справување со епидемијата.