За шефот на дипломатијата Бујар Османи засега не е опција земјава да го прогласи за персона нон грата бугарскиот европратеник и копретседател на бугарската ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, бидејќи, како што рече, неговата цел освен да провоцира е и да се самопромовира преку реакцијата која ќе ја предизвика кај нас.
Изјавата на Османи следува откако бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски минатиот викенд во Скопје во друштво на стотина поддржувачи на ликот на Мара Бунева присуствуваше на одбележувањето на 95-годишнината од смртта на револуционерката. Главен говорник на настанот, кој најмногу го привлече вниманието на медиумите, беше токму Џамбаски кој во своето обраќање пред присутните не се воздржа од провокативната реторика околу историјата и односите меѓу двете земји.
„Ние таа дилема ја имавме и овде бидејќи ова го разговараме во Министерството. Има предлози да го прогласиме за персона нон грата, меѓутоа ние мора да ги размислиме сите аспекти. Дали со тоа му правиме услуга на човекот? Ако ескалира состојбата, можеби ќе го смениме мислењето и ќе мораме да донесеме таква одлука дури и на сметка на тоа што ќе му направиме таква услуга. Но, засега сметаме дека не треба да ја играме неговата игра туку да си имаме наша стратегија“, изјави шефот на дипломатијата одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Одговарајќи на прашање зошто се чека ситуацијата дополнително да ескалира за европратеникот да се прогласи за непожелна личност во земјава, Османи вели дека смета оти не треба да им се дава тежина на такви, како што рече, маргинални провокатори кои ниту нивното матично општество не ги поддржува.
„Не сакаме да дадеме преголема тежина на такви маргиналци. Да беше тоа изјава на министер, да беше тоа изјава на пратеник на власта во собранието тоа веќе има други импликации. Меѓутоа, ние сега да правиме приказна од провокатори кои не ги сака ниту своето семејство и општество и тука сега некој Џамбаски да ми одзема мене дел до мојата прес-конференција, извинете, но не сакам да ја играм неговата игра“, рече Османи и додаде дека дополнително ќе се разгледа опцијата за европратеникот да се прогласи за непожелна личност во земјава доколку се процени дека тоа е потребно.
Најважно, како што додаде шефот на дипломатијата, е тоа што Бугарија го осудила однесувањето на Џамбаски.
„Ние како Министерство испративме нота во којашто побаравме бугарската држава да го осуди. Важно е бугарската држава да го осуди, јас ќе го осудам и така и така. Мојата цел е бугарската влада да го осуди. Ние тоа го постигнавме и во двата случаи. Бугарското Министерство за надворешни работи излезе веднаш и ги осуди тоа“, нагласи Османи.
На новинарска забелешка дека се чини оти македонската дипломатија практично се плаши да преземе конкретен чекор и да упати нота до Бугарија во врска со однесувањето на нејзиниот европарламентарец, Османи вели дека не е така и дека Министерството за надворешни работи веќе испратило нота до бугарското МНР во кое од него се бара да се огради од изјавите на Ангел Џамбаски.
По барањето на МНР, Министерството за надворешни работи на Бугарија се огради од навредливите изјави на бугарскиот европратеник искажани во саботата за време на чествувањето на 95-годишнината од смртта на Мара Бунева на кејот на Вардар во Скопје.
Од бугарското МНР нагласуваат дека јавните изјави со кои се навредува или провоцира другата страна се „апсолутно неприфатливи и контрапродуктивни“ и тие не го го претставуваат официјалниот став на бугарската држава и не можат да се толкуваат како такви.