Се очекува засилен бран на инвестиции после април

Проценките велат дека повеќе од 500 домашни компании соработуваат со странските инвеститори. Следниот предизвик, според надлежните е да се зголеми оваа бројка, а крајна цел на оваа соработка е да можат домашните компании, научени на квалитетот кој го бараат странските, самостојно да извезуваат на странските пазари.

Неодамна имавме ситуација, домашна компанија од Кочани да склучи договор, да биде главен добавувач за Џонсон Мети на глобално ниво, врз база на контактот што го имаат со Џонсон Мети тука во Македонија. Тие склучија зделка вредна осум милиони евра. Тоа е патот што треба да го одиме. Така треба да идентификуваме домашни компании, мали и средни, да пружиме помош- на некои им треба капитал, на некои обука да го стандардизираат производството и на тој начин да го зголемиме извозот на домашните компании, вели вицепремиерот Ставрески.

Странските и домашните компании соработуваат од самиот старт на вложувањето на странските инвеститори во земјава. Ако на странската компанија и треба фирма да го израмни земјиштето и да изгради хала за фабрика, користи домашни градежни фирми, ако и требаат правни совети, компјутерџии, ако и треба храна за работниците и дистрибуција, исто така користи домашни фирми.

Ние направивме еден пилот проект преку кој идентификувани се пет компании кои имаат најдобри предиспозиции во 2016-та да почнат да работат како снабдувачи на странските компании, но на пошироката листа се околу 200 компании. За таа цел ангажиравме странски експерти кои ги познаваат процесите и кои ќе влезат во овие компании и ќе видат што недостасува, со цел да може во наредниот период од година- две да се оспособат компаниите за да се вклучат во овој процес, објаснува вицепремиерот Ставрески.

Според бизнис секторот, многу е важно тоа што сите оние домашни фирми кои почнаа соработка со странските инвеститори веќе можат да се пофалат со побогато портфолио, што дава одреден кредибилитет на пазарите надвор од Република Македонија.

Она што е за пофалба е конечно влезот на домашните компании во рамки на зоните, нешто за што сме разговарале и чекор кој требаше да се преземе, за да се види дека и ние имаме способни компании кои можат да придонесат за зголемување на извозот, кои можат да наметнат квалитет и да се оттргне она табу кое беше поставено претходно дека домашните компании не можат да влезат во зоните и да имаат еднаков третман“, вели претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, која очекува овој тренд во иднина да продолжи бидејќи домашните компании го поседуваат потребниот квалитет.

Според професорот Неновски, бизнис климата е еден од најважните фактори странските компании да инвестираат кај нас. Политичката состојба е исто така важен фактор, меѓутоа и оценката на меѓународните институции, од аспект на рејтингот на Република Македонија- тоа е важен фактор кој што ги охрабрува да влезат на нашиот пазар.