Палестински службеник за безбедност e застрелан од оперативци на палестинскиот Исламски џихад (ПИЏ) на Западниот Брег, откако објавил видео на социјалните мрежи на кое го нарекува Хамас „ирански полномошник“ и ја критикува терористичката група за „уништување на нацијата“.
Во видеото, Мухамед Бајан Абед, член на Службата за превентивна безбедност на палестинската управа, вели: „Многу луѓе почнуваат како папагали да повторуваат – „Зошто палестинската власт не влегува војната?“. Која е целта? Тие сакаат да ја уништат палестинската управа и да го убијат народот“, вели тој.
Абед додава: „Палестинската управа не е подготвена да го жртвува својот одбранбен апарат и својот народ за да кажете: „Тие се мажи“. Ние сме мажи сакале или не. Истите тие луѓе ја уништуваат нацијата од 1994 година. Илјадници луѓе станаа бегалци поради отпорот, а 700 припадници на безбедносните сили беа убиени“.
Како одмазда, оперативците на ПИЏ, помала исламистичка терористичка фракција која активно се бори против Израел во Појасот Газа заедно со Хамас, го следеле Абед и го застрелале во ногата, а подоцна споделиле на Интернет видео од него како се грчи од болка.
Бригадите на мачениците Ал Акса, вооруженото крило на секуларното движење Фатах на палестинскиот претседател Махмуд Абас, објавија изјава против напаѓачите, со наслов „Тие ја преминаа линијата“.
Во соопштението се повикуваат родителите на напаѓачите да ги „предадат“ и се повикува локалниот огранок на ПИЏ да ги осуди нивните постапки.