Затруените малолетници се стабилни и со подобрена состојба, во понеделник ќе се одлучува дали ќе бидат отпуштени на домашна нега

Стабилни се сите клинички и лабораториски параметри на четворицата малолетници кои затруени и во бессознание беа примени на Клиниката за токсикологија, потврдува директорот Андон Чибишев.

Вели дека пациентите се со подобрена општа здравствена состојба.

-Во текот на утрешниот ден, по утринската визита ќе одлучиме дали ќе ги пуштиме дома, вели Чибишев за Курир.

МВР и ОЈО вчера излегоа со информации за тоа што се случувало со децата во куќата во Скопје.

Имено, сопственикот на куќата Д.Ѓ.  (40) бил во пријателска врска со роднина на еден од малолетниците со кој се познавал. Кобната вечер тие дошле кај него.

Во текот на вечерта, малолетните лица консумирале поголема количина на алкохолни пијалоци, а во еден момент, од страна на Д.Ѓ. на четирите малолетни лица им било понудено и овозможено консумирање на одредени медикаменти.

Во текот на вечерта извадил лекови “тергатол 200 мг”, “запира 10 мг” и “дијазепам 5 мг” кои ги користел за одвикнување од зависност од алкохол и кои им ги понудил на малолетниците да ги испијат за подобро расположение.

Со тоа, малолетните лица се довеле до полусвесна состојба, со неконтролирано однесување, при што искршиле дел од инвентар во дневната соба во која престојувале, и при тоа се здобиле со повреди.

Лицето се товари за Тешки дела против здравјето на луѓето, според член 217 став 1 од Кривичниот законик, а во врска со член 212 став 1, како и за кривично дело – Излагање на опасност според член 134 став 1 од Кривичниот законик.