Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган го критикуваше канцеларот на Австрија, Себастијан Курц поради одлуката на владата за затворање седум џамии во таа земја и почнувањето истрага против четириесет имами, а Анкара овие потези ги нарече „расистички“ и „недемократски“.
Се плашам дека мерките кои ги презема премиерот на Австрија водат во светот на војна на крстот и полумесечината. Тие изјавија дека ќе ги протераат имамите. Како тоа да се остави без одговор? Нема да седиме со скрстени раце, порача Ердоган.
Освен истрагата против имамите за кршење на законот за исламот кој предвидува забрана за финансирање од странство, австриската влада донесе и одлука за протерување на 60 имами и членови на нивните семејства.
Една џамија беше затворена поради сомнежи за ширење терористичка пропаганда на организацијата „Сиви волци“, а други шест поради ширење салафизам. Расформирано е и здружението Арапска верска заедница која управуваше со спорните салафистички џамии.
Одлуката на австриската влада ја поздравија сите политички партии во земјата, но со критика дека е донесена токму во време на рамазан, како и на почетокот на гласањето на турската дијаспора за изборите во Турција.