Јасно е дека Македонија нема да напредува ниту еден милиметар на патот кон членство во Европската унија. Последните пораки од Брисел се дека Македонија мора да ги вметне Бугарите во својот Устав, ако сака да продолжи по патот на евро-интеграцијата. Ова може да се смени само ако одлуките во ЕУ престанат да се носат едногласно, што е многу малку веројатна опција.
Ова е наградата за Македонија од седумгодишното владеење на СДСМ и на ДУИ со земјата. Заглавени на сред никаде. Одлично е што СДСМ замина во опозиција, и тоа со најтешкиот изборен пораз во историјата на постоењето на оваа политичка партија. Не е добро тоа што колку и напори да вложи Христијан Мицкоски сега како премиер, сигурно ќе бидат потребни години за земјава да дојде на некоја позитивна нула. И потоа повторно од почеток да почне да го фаќа чекорот напред кон интеграција во ЕУ. Огромен е хаосот и пустошот што зад себа го оставија СДСМ и ДУИ. Премногу сме расштрафени како држава. Внесувањето на Бугарите во македонскиот устав е нешто на што СДСМ и ДУИ се согласија и не’ убедуваа дека тоа е единствениот пат на Македонија кон ЕУ. СДСМ отиде до таму, што целата своја изборна кампања ја базираше на тоа. Сепак, граѓаните го кажаа своето. Не ја поддржаа таа опција. А, како да ја поддржат? Та, претходно излажаа дека со промената на името Македонија обезбедува влез во ЕУ и членство во НАТО. Но, на крајот се покажа дека промената на името била само за членство во Алијансата. За ЕУ ни останаа само нивните лаги и онаа, сега веќе комична, фотографија од владиниот авион.
Искрено, дури и да ги внесеме Бугарите во уставот, нас воопшто не ни е местото во Европската унија. Хаосот и корупцијата ни се длабоко навлезени во сите пори на општеството. Секојдневно излегуваат во јавноста информации за милионски суми, буџетски пари, народни пари, крвнички и несовесно трошени од сега веќе фала богу поранешните функционери на СДСМ и ДУИ. Преку дузина начини биле цицани народните пари. Исаф немале. Во седумгодишното владеење тоа им било главниот фокус. Ништо друго. Затоа сега сме една хаотична држава на која ќе и’ бидат потребни години и години да се стабилизира.
И како може Македонија да биде дел од ЕУ, само ако ги внесе Бугарите во уставот? Па, ние сме 150 километри држава, а немаме железница. Немаме ниту саглам автопат. Замислете да живеете во Делчево и да сакате да отидете со семејството на викенд во Охрид или Струга. Ако немате автомобил, тоа е незамисливо, а пак ако тргнете со автомобил ќе патувате три дена, сигурно. На пример, од Торино до италијанската престолнина Рим има речиси 700 километри, кои со воз се минуваат за само читири и пол часа и тоа по цена на билет од околу 50 евра! Слично како во Италија е и во останатите западноевропски држави. И како Македонија да биде дел од ЕУ само со внесување на Бугарите во Уставот? Да не се залажуваме попусто. Далеку е тој свет од нас. Многу далеку.
Нашите соседи, вековно си имаат одредено позиции за Македонија. Моментот што добивме политичко раководство од СДСМ и ДУИ го искористија за да си ги остварат своите цели. Грција ја доби својата битка, а Бугарија се бори за својата. Ние добивме моментум, колку-толку да се одбраниме од вторите. Штетата што СДСМ и ДУИ и ја направија на Македонија, силно ја оневозможува новата македонска власт предводена од ВМРО ДПМНЕ во оваа битка.
Нејсе, нашиот пат кон ЕУ може и сега засега да почека. Нема штета од тоа. Најважното е да застанаме на нозе како држава, по издржаната седумгодишна казна со владеењето на СДСМ и на ДУИ.
Автор: Дејан Николовски