Малите бизниси ги нагризе економската криза. Владините три сета на мерки, за спас на стопанството не ги дадоа посакуваните резултати. Над 80 дуќани во Градскиот грговски центар во Скопје ставија клуч на врата.
Дуќанот се издава или дуќанот се продава, е најчестата налепница на продавниците во трговски центар, кој се наоѓа во срцето на македонската метропола. Некои од нив кои затворија поради корона кризата и малата заработка, неможејќи да ги сервисираат давачките за струја, вода, клима и осигурување, почнале да ги издаваат нивните дуќани не барајќи за истите кирија.
Еден од нив е и дуќанот на Еркин Ајдини од Скопје, тој го поседува дуќанот од 98 година.
„Да немаме толку давачки затоа објектот го даваме без кирија. Само да работи некој. Но нема заинтересирани“, истакна Еркин Ајдини.
Но, и покрај тоа што дуќанот го издава без да бара за возврат надомест за кирија, нема никој заинтересиран да го закупи просторот.
Пред некој ден министерот за економија, Крешник Бектеши изјави дека новиот пакет антикризни мерки, кој инаку треба да биде четворти по ред, ќе бил по таргетиран и ќе ги опфател најзасегнатите бизниси. Дали со ова потврдуваат дека претходните три сета, не ги испланирале како што треба и дека државните пари не завршија кај фирмите на кои најмногу им требаа!?
Бектеши, исто така, во гостување во телевизија Телма вчера призна дека, постоечките три сета антикризни мерки на Владата не се реализирани, односно како што рече до сега биле реализирани само нешто над 250 милиони евра, а во тек е реализација на уште 20 милиони евра кои се однесуваат на поттикнување на домашни и странски инвестиции.
Дека мерките на Владата не се сеопфатни, реагираа и од позициската партија ВМРО-ДПМНЕ, при што претседателот Христијан Мицкоски истакна дека третиот пакет мерки за спас на економијата не е реализиран. Тој појасни дека единствено што од власта реализирале од досегашните мерки, е делот за предизборен поткуп, со поделба на ваучери за летување и платежните картички.
Инаки, малите претпријатија претставуваат значајни двигатели на економскиот раст и развој на една национална економија.
Во Европската унија, околу 23 милиони мали и средни претпријатија обезбедуваат околу 75 милиони работни места и претставуваат 99% од вкупните претпријатија. Додека пак и Македонија не е исклучок од ваквиот тренд. Односно малите и средни македонски бизниси придонесуваат со над 60 отсто во БДП и над 75 отсто во вкупниот број вработени.
Затоа, властите треба особено внимание да посветат на овој сектор и да понудат мерки со кои ќе им дадат финансиска инјекција, за да го пребродат кризниот период. И да не заборавиме, во екот на кризата, од првите сет на мерки државни пари користеа фирмите на премиерот Зоран Заев и на поранешната министерка за финансии, Нина Ангеловска, кои важат за профитабилни компании, а малите фирми, како во случатој дуќаните се принудени да стават клуч на врата.