Штрајкот со глад во Битолскиот затвор е прекинат откако двајца од тројцата затвореници кои се одлучиле за штрајк, се веќе преместени во затворите во Скопје и Куманово, а се очекува денеска и третиот да биде преместен, јавува телевизијата „ТВ21“. Меѓу нив е и имамот Реџеп Мемиши, осуден за регрутирање на лица кои заминуваа да се борат во Сирија и Ирак на страната на Исламска држава.
Писмена информација од страна на управата за извршување на санкции се уште не е доставена до народниот правобранител, меѓутоа при контактите со затворската управа во Битола веќе имаме информација дека две лица се преместени во соодветни казенено поправни установи, и тоа едното во местото на неговото живеалиште, а другото осудено лице блиску до неговото живеалиште, истакна Лилјана Илиевска од канцеларијата на Народниот правобранител Битола.
Тројцата затвореници подолг период до Управата за извршување на санкции доставувале барања кои им биле обивани, а за последните не добиле ниту одговор.
За да предизвикаат внимание и ажурност во постапувањето на Управата за извршување на санкции се одлучија за штрајк со глад. Во разговорот едно од осудените лица укажа дека доколку ниту на ова барање не му се удоволи подготвен е да направи поекстремен чекор, самоповредување, додаде Илиевска.
Реџеп Мемиши е еден од затворениците кој заборуваше телефонски за „ТВ 21“. Тој се жалеше дека неправедно е во општински затвор, бидејќи е осуден на седум години казна затвор.
По објавената сторија, тој во текот на вчерашниот ден е преместен во Куманово.
Тројцата затвореници штрајкот со глад го почнаа во петокот. Се жалеа на лоши услови во затворот, тортура и дискриминација на религиска основа. Затворот во Битола е со капацитет од 60 лица во затворскиот дел и 22 лица во притворските одделенија.