Гласањето за претстојниот референдум за кој во Македонија се гласа во недела, почна и заврши во австралиската метропола Мелбурн, со многу ниска излезност на гласачите.
Имено од 104 пријавени за гласање околу договорот кој премиерот Зоран Заев го склучи со соседна Грција, а со кој се менува уставното име на Република Македонија, излегле да гласаат само седум избирачи. Тоа е малкуи над 6 отсто одѕив на македонската дијаспора која гласа во Мелбурн.
Гласањето во странство се одвива во 33 дипломатско-конзуларни претставништва и конзуларни канцеларии на Република Македонија, а пријавени за гласање се вкупно 2.694 македонски државјани.
Ќе се гласа во ДКП-та во Берн, Венеција, Љубљана, Виена, Торонто, Лондон, Бон, Хаг, Берлин, Мелбурн, Канбера, Брисел, Стокхолм, Париз, Рим, Копенхаген, Вашингтон, Детроит, Прага, Абу Даби, Белград, Подгорица, Анкара, Атина, Букурешт, Истанбул и Будимпешта.
Најмногу пријавени за гласање има во Берн 321, Венеција 264, Љубљана 217 и во Виена и Торонто каде изјаснување ќе има за по 151 македонски државјанин. Најмалку, 10, се пријавени за гласање во Будимпешта, 13 во Истанбул, 14 во Букурешт и 15 во Атина.