Заубер го доведе Бразилецот Габриел Бортолет како втор тимски возач

Заубер објави дека потпишал договор со 20-годишниот Бразилец Габриел Бортолето како втор возач од следната сезона во Светскиот куп во Формула 1, на пат кон трансформација во фабрички тим на Ауди од 2026 година.

Заубер во средата објави дека Бортолето ќе му се придружи на германскиот ветеран Нико Хулкенберг, кој му се приклучува на Заубер од Хас.

Тимот и официјално се збогуваше со своите актуелни возачи, Финецот Валтери Ботас и Кинезот Жоу Гуанју, кои на крајот од сезоната ќе го напуштат тимот со кој поминаа три години.

Заубер е единствениот тим во Ф1 кој нема освоено бод оваа сезона.

„Во моментов сме сведоци на промена на генерациите во Формула 1, со млади возачи кои носат непосредни резултати“, изјави извршниот директор на Заубер Моторспорт, Гернот Доелнер.

„Со потпишувањето на Габриел Бортолето, обезбедивме еден од врвните таленти. Неговото потпишување ја нагласува долгорочната стратегија и посветеноста на Ауди кон Формула 1.

Бортолето минатата година го освои шампионатот во Формула 3 како дебитант, а моментално го води и шампионатот во Формула 2. Тој е поранешен студент на возачката академија на Мекларен, а сега стана првиот бразилски возач со постојана возачка позиција во Формула 1 по Фелипе Маса, кој ја заврши кариерата во 2017 година.

„Ова е еден од највозбудливите проекти во мотоспортот, ако не и воопшто во спортот. Приклучувањето кон тимот кој ја комбинира богатата историја на автомобилскиот спорт на Заубер и Ауди е вистинска чест. Јас сум исклучително благодарен за укажаната доверба и можноста да работам со искусен возач како Нико“, изјави Бортолето.

Со неговото доаѓање во Заубер, вратата е затворена за Мик Шумахер да се врати во Формула 1 следната година како возач со полно работно време. Синот на седумкратниот светски шампион Михаел Шумахер возеше за Хас во 2021 и 2022 година, а сега е тест и резервен возач на Мерцедес.