Македонија е незавршена приказна од бруталните денови на комунистичката историја на нејзиниот народ за која малкумина се подготвени јавно да зборуваат денес. Изгледа како кај нас никому да не му е грижа за злото на комунистичкото минато, коe го брутализираше сопствениот народ, дозволувајќи нашето општество да го зарази со релативизам и амнезија. Македонија е нејеклатантен пример за негирање на злото на комунизмот – нешто инфантилно, деструктивно и смртоносно што ни се случувало во минатото кое дозволивме да го третираме во детски ракавици и како уште еден систем на верување, без да укажеме на монструозноста на идејата што стоеше позади него. Веќе сум уморен низ сиве години да нудам уверливи интелектуални аргументи за империјата на злото што се изгради во оваа држава по Втората светска војна и за нејзините жртви кои никој не ги забележува и, како што гледам, за кои веќе никој не се грижи. Не видов потресно национално признание на жртвите кои никогаш не би можеле вистински да бидат компензирани за нивните страдања. Гледам само игнорирање и носталгија.
Затоа од витално значење за државата е во обликувањето на политички верувања и вредности, да биде свесна за темните петна на својата историја и да ги отфрли сите романтизирани поими за комунизмот.
Смртта е неизбежна, но очајот беше и остана константна состојба на живот за овие луѓе – жртви, заборавени од историјата која упорно бега од вистината дека идеологијата на тој систем не продуцира ништо добро освен зло и страдања. Дали системот што го премолчува ова е исто така зло сам по себе? Тогаш, зошто да не го кажеме тоа? Во Македонија изгледа како никогаш да не е дојдено време за вистината. Она што луѓето во Македонија го негираат повеќе од смртноста очигледно е злото. Некој треба да напише книга за негирање на злото; тоа би било многу поважно, бидејќи иако не можеме да ја спречиме смртта, можеме да го спречиме злото. Глорифицирајќи ги луѓето што беа егзекутори на таквото зло и страдање што како вирус покоси многумина, успеавме да ги институционализираме непријателите на слободата за сметка на нивните жртви. Нема сомнение дека комунизмот во Македонија во годините по падот на режимот доби фејс лифт, но зад гламурозната црвена маска и ружа стои истиот срп и чекан – и злото што не се заборава.
Изгледа наивно да барам да се затвори процесот на декомунизација во Македонија, кој, во својата основа, е политичко чистење, процес на демонтирање на наследството на комунистичките државни естаблишменти, култура и психологија во посткомунистички општествен амбиент. Се додека не успеваме да ја осудиме идеологијата на ужасот, или уште полошо, да видам подготвеност на политички елити да иницираат и преземаат судски и политички чекори кон историска и правна одговорност во однос на трауматичното, насилното и бруталното минато во Македонија, ние продолжуваме да ја храниме болката и страдањето на оние што биле жртви на таквиот систем. Во недостаток на историја успеавме да го обновиме романтизираниот поглед на комунизмот како „поправеден“ систем од оној кој го градиме денес. Оваа селективна толеранција го открива основниот проблем: дефиницијата на животот и хуманоста на угнетувачите која ги исклучува жртвите. Чудно како стравот и денес останува оружје на угнетувачот, додека омразата им е забранета на репресираните. Затоа имам право да бидам лут и нема потреба да се извинувам за тој гнев.
Не само што немам потреба никому да се извинувам, јас сум од оние што ја носат и живеат со омразата кон оние кои си земаа право да газат врз човечки судбини и дозволија солзите да ме едуцираат, а немирот да биде лекуван од смртта. Ме учеа и молеа да простувам, а јас научив на омразата на џелатите да одговорам со поголема омраза. Историјата е доказ за фактот дека суровата сила на угнетувачите на крајот подлегнува на постојаната моќ на омразата и јавниот отпор на репресираните. Оваа омраза, во својата екстремна форма, ослободува отпор кој пак ги урива темелните, структурните и функционалните норми на статус кво и ги остава зад себе урнатините за ново градење на општеството. Затоа треба да се зборува да не се заборави злото што го толерираме сиве години на независна демократска држава. Не сакам да бидам одговорен за удобноста на џелатите од комунизмот и затоа не му должам извинување на никого за ништо, посебно не на оние што одбиваат да им се извинат на жртвите на комунизмот, одржувајќи ја во живот неправдата што им е нанесена.
Затоа мојот јазик е јазик на омраза кога се зборува за комунистичката номенклатура од минатиот режим. Не можам да бидам политички коректен и поинаков кон оние што се уште се потсмеваат на болката и страдањата на нивните жртви. Тоа е заветот на солзите кој обврзува. Оние од вас што ги сакаат луѓето, мразете го злото. Ако не го мразите комунизмот не ви е грижа за луѓето, а уште помалку за љубовта. Мене ми е, тоа е долгот што ми е оставен во наследство. Мора да се стави крај на стравот и историјата на заборавот. Мора да се стави акцент на сеќавањето на оние кои страдаа под комунистичкото угнетување и кои беа заборавени со децении. Можеби на оваа влада е да го скрши монополот на меморијата во Македонија и да ја тргне маската од злото што се вгнезди во новото време. Ако не може оваа влада да го стори тоа, ќе може некоја следна. Зашто историјата не простува. А, богами ниту јас.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес