Завојуваните страни во Судан синоќа потпишаа договор со кој се дозволува пристап до хуманитарна помош, а преговорите ќе продолжат со цел постигнување привремено примирје, соопштија американските власти.
Претставници на војската и на паравоената група кои се во конфликт речиси еден месец потпишаа изјава во Џеда, Саудиска Арабија, со која се обврзуваат да ги заштитат цивилите во Судан, изјави американска претставничка која учествувала во разговорите.
По шестдневни преговори, претставниците на армијата на генералот Абдел Фатах ал-Бурхан и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) на генералот Мохамед Хамдан Дагло ја потпишаа „Декларацијата од Џеда за заштита на цивилите во Судан“.
Двете страни ветија дека ќе дозволат влез на хуманитарна помош, ќе дозволат обновување на електричната енергија, водата и другите основни услуги, ќе ги повлечат безбедносните сили од болниците и ќе обезбедат „пристоен погреб“ за загинатите.
Преговорите ќе продолжат со цел постигнување ново привремено примирје што ќе овозможи достава на помош, а на маса е и предлог за прекин на борбите на 10 дена, изјави американската функционерка кој сакала да остане анонимна, пренесе Бета.
– Не станува збор за прекин на огнот. Тоа е за остварување на обврските според меѓународното хуманитарно право, особено кога станува збор за цивили, додаде таа.
Вашингтон се надева дека потпишувањето на овој договор ќе создаде „динамика“ што може да доведе до испорака на помош, рече таа, но заклучи дека армијата и паравоената група „сè уште не се до таму“.
Судирите во Судан избија на 15 април меѓу суданската армија и паравоените единици предводени од двајца ривалски генерали. Во насилството досега загинаа повеќе од 600 луѓе, вклучително и цивили, а неколку стотици илјади се раселени или побегнаа во соседните земји.