
Денеска со почеток во 12.00 часот, ќе се одржи завршниот настан за твининг проектот финансиран од ЕУ: „Понатамошно институционализирање на структурирани механизми за соработка меѓу Владата и граѓанскиот сектор“.
Генералната цел на проектот беше да се постигне подобрена овозможувачка средина за граѓанскиот сектор во земјата, преку воспоставување на целосно функционален Совет за соработка на Владата со граѓанскиот сектор и усвојување на нов Акциски план (2018-2020) за спроведување на Стратегијата на Владата за соработка со граѓанскиот сектор. Буџетот за овој проект на ЕУ беше 250 000 евра.
Партнерите кои го спроведуваа проектот беа Владата на Република Хрватска – Канцеларијата за соработка со НВОи (орган надлежен за спроведување на проектот од државата-членка), Агенцијата за централно финансирање и склучување договори (орган од државата-членка одговорен за административно и финансиско управување), Министерството за финансии на Република Хрватска (институцијата од државата-членка која обезбедува краткорочен експерт), Генералниот секретаријат на Владата (главна институција од државата-корисник) и Секторот за централно финансирање и склучување договори во Министерството за финансии (Органот за склучување договори во државата-корисник).
Учесниците на настанот ќе ги поздрави Весна Лендиќ Касало, заменик раководител на Канцеларијата за соработка со НВОи на државата-членка, Нирвана Соколовски, раководител на служба од Агенцијата за централно финансирање и склучување договори, Тахир Хани, заменик генерален секретар на Владата од државата-корисник, Данијела Баришиќ, амбасадор на државата-членка во државата-корисник и Ирена Иванова, менаџер на програма во Делегацијата на Европската унија во државата-корисник. По поздравните зборови, партнерите на проектот ќе ги претстават резултатите на проектот.