Завршени се над 70 проценти од градежните и машинските работи на гасоводот Неготино-Кавадарци-Прилеп-Битола. Од предвидени 92 километра поставени се цевки од гасоводот во должина од 83 километри од трасата. За напролет се планираат испитувања за пуштање во употреба на гасоводот.
Изградбата што почна во февруари 2017 година треба да заврши во февруари следната година со што, според премиерот Зоран Заев, практично се исполнува планот за реализација на овој дел од големиот проект за гасификација на државата. На магистралниот гасовод Неготино-Штип се извршуваат завршни работи, а магистралата Скопје-Тетово-Гостивар се очекува да заврши до крајот на следната година.
– Гасот доаѓа се поблиску до индустријата и до граѓаните со што се отвораат можности да влеземе во фазата за определување на оператори на секундарната мрежа кои ќе треба да го обезбедат преносот од приклучокот на гасот до домаќинствата и до индустриските капацитети по конкурентни цени и затоа во овој процес многу е важно и општините да работат на изградба на општинската мрежа, истакна Заев, при денешниот увид во градежните работи на кракот од Неготино до Битола, еден од трите краци за севкупна гасификација, за кој годинава се одвоени 1,5 милијарда денари од државниот Буџет“, рече Заев.