
Американското министерство за финансии ги продаде своите последни акции во Џенерал моторс (ГМ) со што се заврши процесот на спасување на овој автомобилски гигант.
На пакетот за спас во вредност од 49,5 милиијарди долари, американскиот трезор забележа загуба од повеќе од 10 милијарди долари, што според зборовите на министерот за финансии Џејкоб Лу, вредело, бидејќи допринело за спасување на американската автомобилска индустрија, милиони работни места и пензии на голем број пензионери, пренесува Франс прес.
„Спасувањето на ГМ од 2008 година, што предизвика големи контраверзии во тоа време, помогна за стабилизирање на автоиндустријата и спречи уште една Голема депресија“, вели Лу истакнувајќи дека претседателот Барак Обама тогаш сфатил дека недејствувањето би донело загуба на повеќе од милион работни места, губење на заштедите и значајно намалување на економското производство.
„Пет години по почетокот на опоравувањето од работ на банкрот, секој до трите големи американски производители на автомобили во овој момент е доволно силен за да застане на сопствени нозе. Тие се профитабилни по првпат во последните 10 години, а оваа индустрија отвори повеќе од 372 илјади нови работни места што е најбрз раст од 1990-тите“, навел претседателот Обама во одвоено соопштение.
„ГМ сега го врати секој долар од даночните обврзници, плус милијардите кои ги инвестираше претходната администрација“, додава Обама.
На крајот од 2008 година, администрацијата на тогашниот претседател Џорџ Буш почна со спасување на автомобилската индустрија, што подоцна го продолжи администрацијата на Обама.
Американската влада ја презеде финансиската контрола над ГМ и Крајслер, додека Форд избраа сами да ги решат своите проблеми, иако според проценките на аналитичарите, профитирале од спасувањето на двата конкуренти.