По неколкудневна борба со огнената стихија над с. Будинарци, попладнево големиот шумски пожар е совладан.
Со тоа целосно е изгаснат големиот шумски пожар кој го зафати реонот на општините Пехчево, Делчево и Берово.
-Поаѓајки од нашето начело, безбедноста на луѓето на прво место, известуваме дека во пожарот не настрада ниту еден локален жител, ниту припадник на противпожарна или друга единица или институција, со исклучок на еден повреден австриски пожарникар кому му посакуваме брзо оздравување, велат од ЦУК.
Дел од австриската противпожарна опрема како и наши и бугарски пожарникари ќе останат да стражарат на лице место за да не дојде до повторно разгорување на оганот на одредени места, нешто што редовно се случува по совладувњето на вакви големи пожари особено имајки го во предвид засилениот ветар кој од пред малку почна да дува.
-Голема благодарност до посадите на македонските и српските хеликоптерски единици и романски авиони, македонските, австриските, словенечките и бугарските пожарникари, до припадниците на Национални Шуми и Шумската полиција, до припадниците на македонската Армија и Полиција, како и вработените во ДЗС, ЦУК и останатите институции кои на било кој начин помогнаа во совладувањето на овој, веројатно, најголем шумски пожари во Македонија досега. Посебна благодарност до локалното население кое храбро и пожртвувано помогна во одбраната на селата од огнената стихија, порачаа од ЦУК.