Заврши конкурсот на Вилдерс за најдобра карикатура на Мухамед

Конкурост за најдобра карикатура на пророкот Мухамед заврши, напиша на Twitter холандскиот пратеник Геерт Вилдерс во неделата претпладнето, само половина ден откако го распиша контроверзниот натпревар чија цел според него е одбрана на слободата на изразувањето.

Во твитот објавен во неделата утрото, 56-годишниот Вилдерс вели дека целта на конкурсот е да се сврти вниманието на јавноста на важноста од зачувувањето на слободата на говорот.

„Мисијата е завршена. Конкурсот е затворен“, напиша Вилдерс над карикатурата која ја прогласува за победничка, а прикажува гневен брадест маж.

Исламот го забранува секаквото сликовно прикажување на пророкот Мухамед, бидејќи тоа го смета за идолатрија, а за муслиманите особено се навредливи карикатурите.

Вилдерс сличен конкурс распиша и во август, но мораше да го откаже бидејќи полицијата уапси маж кој му се закануваше со смрт. Летово поради самата најава за распишување на конкурсот беа организирани големи демонстранции во Пакистан.

Опасноста од насилство против невин народ беше преголема, рече тогаш Вилдерс и се откажа од конкурсот.

Неговата противисламска Партија на слободата (PVV) е втората најголема во холандскиот парламент, но не е дел од владата.

Холандскиот суд во ноември осуди Пакистанец на десетгодишна затворска казна поради подготовките за „терористички напад“ врз Вилдерс кому холандската држава поради тоа му обезбедува 24-часовна заштита.