ДУИ е во обид да се спаси од живата кал во која со голема брзина пропаѓа СДСМ. На два месеца пред изборите, по се изгледа „пукна тиквата“ меѓу главните владини партнери последниве седум години. Крешник Бектеши фрли ракавица, тој што ќе загубел на изборите, да се повлече од политиката за секогаш, пишува Алфа.
-Еве ве повикувам да направиме договор, меѓу сите политички партии, тој што ќе изгуби веќе да не се занимава со политика. Ние ја фрламе ракавицата, нека повелат сите политички партии, вклучувајќи го и ВМРО, па и другите политички партии, изјави Бектеши.
Оваа понуда не е прифатлива за Димитар Ковачевски. И да загубел на изборите, немало тој да биде виновен, туку ќе биле сите партиски членови, порача лидерот на СДСМ. Реши како пример да ја користи фудбалската игра, во која пак за лошите резултати секогаш на крај цената ја плаќа тренерот, што во овој случај би бил претседателот на партијата. Она што е чудно е што Ковачевски тоа не го знае или не сака да го знае во оваа ситуација.
-Јас сум во СДСМ од 1994-та година и од 1994-та досега СДСМ победувал на изборите, СДСМ имал помалку успешни резултати на изборите, тоа се однесува на сите членови кои што од тоа време се во СДСМ. Тоа е исто како да кажете, ако на пример, фудбалски тим изгуби утакмица, тогаш сите тие фудбалери и тренери никогаш веќе да не се занимаваат со фудбал, изјави Ковачевски.
За разлика од Ковачевски и СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ ја прифаќаат оваа понуда на Крешник Бектеши.
-Одлично ја прифаќаме, тоа значи дека Бектеши му спрема свилен гајтан на Али Ахмети, можеби е еве кандидат за лидер во ДУИ, имајќи предвид дека ДУИ ќе ги изгуби овие избори и нема да е дел од следната Влада. Добро е да знаеме дека Крешник Бектеши има такви амбиции, ако ништо друго, претседателството на ДУИ ќе остане во Кичево и тој по потекло е од Кичево, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Инаку, според истражувањата на јавното мислење јасно е дека власта ја очекува тежок пораз на изборите. Анкетите покажуваат двојна предност на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ, додека пак здружената албанска опозиција е речиси израмнета со ДУИ.