Заврши македонскиот дел од снимањето на филмот „Банат“

Успешно заврши македонскиот дел од снимањето на долгометражниот филм со работен наслов „Банат“ од Адриано Валерио, режисер награден во Кан.

Филмот, прва заедничка продукција на Италија, Романија, Македонија и Бугарија, се снимаше во Битола и околината. Последната клапа ќе падне на 4 април, а моментално се снима во италијанскиот град Бари и неговата околина.

Според режисерот Адриано Валерио, метафора за филмот е патувањето.

– Тоа е приказна за емиграција од Италија во Романија, односно љубовна приказна во која момче среќава девојка. Италијанците од сегашните генерации за да најдат работа и среќа патуваат во друга земја. За оваа приказна бев инспириран од вистинска приказна која му се случи на мој другар во Банат. Во неа се става акцентот на границите и патувањата на луѓе од Европа кои не можат да ја најдат иднината во својата земја, истакна Валерио во Битола, пренесе МИА.

Освен во Битола, филмот се снимаше и во околните села Рибарци и Буково, како и во преспанските села Царев Двор и Дупени.

Во филмот „Банат“ главните улоги ги толкуваат Едуардо Габриелини од Италија (добитник на наградата „Пасинети“ на Венецискиот филмски фестивал) и Елена Радоничиќ која потекнува од Црна Гора.

Од Македонија ангажирани се Димитар Николов – Таки како продуцент, Роберт Јанкуловски (директор на фотографија), Викторија Динева (сценограф), Саша Станишиќ-асистент на режија, Марина Цигарида (мејк-ап артист), Петар Трајчевски-менаџер на локации, Бурим Муслиу-асистент костимограф, пренесе МИА.

Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, во делот за малцински копродукции.