Заврши насилниот протест во Нови Сад, Вучиќ дојде во ненадејна посета

Српскиот претседател Александар Вучиќ ненајавено допатува во вторникот вечерта во Нови Сад, каде ги посети партиските простории на Српската напредна партија (СНС), каде за време на протестот беа искршени стакла, додека во исто време демонстрантите, кои според опозициските медиуми наводно ги имало десетици илјади, почна да се растураат по упадот и подметнувањето на оган во Градската куќа.

Вучиќ порача дека сите одговорни за инцидентите во Нови Сад ќе бидат казнети.

Просториите на СНС беа демолирани при минување на незадоволните демонстранти кои откако се собраа на железничката станица се упатија кон градското собрание на Нови Сад – Градската куќа во центарот на градот, каде го изразија своето незадоволство од политиката на српската влада, што во суштина немаше поврзаност со главната причина за, како што се најавуваше – граѓанскиот протест.

Протестот го организираше здружената опозиција на Ново Сад користејќи го револтот на граѓаните поради смртта на 14 лица при уривање на бетонската настрешница на зградата на железничката станица.

Демонстрантите побараа сите кои се директно и индиректно одговорни за трагедијата, која се случи на 1 ноември, да поднесат оставки, но и кривично да одговараат.

Организаторите тврдат дека планирале да поднесат барања до градските власти во Нови Сад да поднесат оставки, бидејќи ги сметаат за заеднички одговорни за негрижа при реконструкцијата на станицата, но не можеле да влезат во Градското собрание.

Иако водачите на протестот ги повикаа насобраните граѓани да не го уништуваат Градското собрание, поголема група очиледно однапред подготвени за тоа млади момчиња со качулки и со маски на лицата почнаа да ги кршат вратите и прозорците на зградата. Притоа, преку скршените прозорци уфрлија факели во зградата што предизвикаа пламени јазици на првиот кат од објектот.

Полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата, откако демонстрантите ги искршија прозорците на влезот на Градската куќа која датира од XIX век во центарот на градот, фрлаа факели, ракети и петарди. Пред тоа, пред влезот на градската куќа беа истурани фекалии од цистерната што ја донесе тракторот на организаторот на протестот, инаку опозициски активист.

Демолирањето, заедно со обидите за влез во зградата, траеше повеќе од еден час, а организаторите се оградија од ваквите акции, обвинувајќи ги дека наводно се провокатори кои протестот го претвориле во деструктивен собир.

Како што пренесуваат тамошните медиуми, граѓаните кои излегоа на протестот поради долгогодишната негрижа на надлежните институции коај резултираше се трагедијата, ограувајќи се од вандалите околу 22 часот се разотишле. Провладените медиуми, пак, инсистираат дека зад безредијата стои опозицијата и посочуваат на изјави од политичари кои наводно го навестувале дивеењето.