Заврши состанокот меѓу жителите на Слупчане и ЕВН, за утре најавена нова средба

Заврши состанокот меѓу жителите на Слупчане и претставниците на ЕВН. И од компанијата и претставниците на жителите оценија дека состанокот поминал во позитивна атмосфера кој ќе придонесе целосно да се реши проблемот со електричната енергија во ова село.

„Денеска претставници на ЕВН се сретнаа со претставници на селото Слупчане. Разговорите се одвиваа во позитивна насока. Преостанува да се реализира уште еден состанок во текот на утрешниот ден“, соопштија од ЕВН.

Зекирија Шаини, советник во општина Липково, изјави дека состанокот поминал во позитивна атмосфера и дека останува да се договорат техничките детали.

„Состанокот помина во позитивна атмосфера, договорот треба да се уреди технички“, рече Шаини.

По неколкудневните блокади на жителите на Слупчане во два наврати на почетокот и крајот на јули, компанијата и жителите склучија договор на 27-ми јули годинава. Жителите имаат повеќе барања, меѓу нив и барање да не плаќаат високи сметки за струја. Според последните информации, ЕВН треба да почне да ја реконструира мрежата на 9-ти август годинава.