ВМРО – ДПМНЕ ќе излезат со нови предлози и забелешки кои ги изработуваат стручните тимови, во врска со законот за ЈО. Ова е заклучокот кој произлегол од денешната средба на претставниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Бојан Маричиќ и Тимко Муцунски. Сепак во краткото инфо од средбата се наведува дека:
„Камен на сопнување за ВМРО-ДПМНЕ, продолжува да биде неизбалансираното решение со кое за сега не се гарантира независно јавно обвинителство кое е подложно на политички злоупотреби, но на средбата станало збор за можните решенија и одглавување на дијалогот. Најавени се предлози и забелешки од ВМРО-ДПМНЕ кои ги изработуваат стручни тимови“.
СДСМ пак, цврсто стои зад донесување на Законот и работи со сите пратенички групи за негово донесување. Се оечкува во наредните денови односно до крајот на неделата да се закаже и средба на работните групи.
Во меѓувреме денеска пак на донесување на ова законско решение повика и вицепремиерот за Европски прашања Бујар Османи кој смета дека Носењето на законот за ЈО е важно за сите политички чинители да покажат зрелост , но исто така да ги надминат разликите и теснопартиските позиции . Тој потсети дека законот не е условен од Европскиот совет или Комисијата, но дека е важно за одредени земји-членки на Унијата, како Холандија и Франција.
Лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицковски се уште се на постоечките ставови. Мицковски вели не прифаќа по секоја цена донесување на едно вакво сериозно законско решение но се за подобрување и носење на вистински а не како што велат политички закон. Заев пак ќе ја бара поддршката и од осумте независни пратеници кои засега не се изјаснуваат, но вели оптимист е дека ќе има приближување кон ставовите. ЕУ и меѓународната заедница пак веќе го вклучија алармот дека е пожелно актуелниот пратенички состав да го гласа законот за ЈО до распуштање на парламентот и распишување на изборите.