Заврши вториот Камп за високо-технолошка извонредност во Охрид, на Македонија2025

Македонија2025 по втор пат го одржа Кампот за високо-технолошка извонредност во Охрид, во периодот од 10-16 јули. На Кампот учествуваа шеснаесет млади на возраст од 10 до 15 години од земјава, како и млади  со македонско потекло од Америка, Аврстрија, Данска и Германија. И оваа година покровител на Кампот е Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски.

Учесниците на Кампот имаа можност да ги развијат нивните вештини за кодирање и роботика, но и да воспостават пријателства, да ги истражуваат локалните природни убавини, како и нашето културно наследство и традиција.

Главната извршна директорка на „Македонија 2025″, Никица Мојсоска Блажевски им честита на учесниците, се заблагодари на партнерските организацииите истакнувајќи дека се гордеат со македонските таленти во областа на роботиката и кодирањето. “Кампот за високо-технолошка извонредност е една од програмите кои ги имплементира Македонија2025 која има за цел да поддржи развојот на талентите, особено за младите од ранливи категории. Има толку многу талентитани млади, желни за учење и нови знаења, и ние сме горди што можеме да им овозможиме обука согласно врвна меѓународна програма. Се надеваме дека на овој начин придонесуваме кон идниот развој на Македонија, и дека влијаеме позитивно врз личниот и професионалниот развој на младите. Значајна компонента на Кампот е и присуството на деца од дијаспората, можноста за нови познанства и поврзување, учење за македонската култура, јазик и тн.”.

“Клучот за напредокот е во науката, технологијата и инженерството. Да ги поттикнеме младите да создаваат во својата татковина“, порача претседателот Пендаровски на завршната церемонија на Кампот и доделувањето на сертификатите што се одржа во претседателската вила „Билјана” во Охрид.

Програмата на Кампот е усогласена со мисијата на „Македонија 2025″ да гради силни партнерства и врски ширум светот. Нејзина примарна цел е младите да ги унапредат своите вештини за роботика и кодирање, а покрај тоа, да обезбеди можност за младите Македонци од земјата и дијаспората да создаваат мрежи, да воспоставуваат пријателства, да ја зајакнат и да ја градат македонската култура.

Кампот е финаниски поддржан од Амбасадата на САД во Македонија, сопствени средства на Македонија2025, како и неколку партнерски организации и индивидуални донации.