Завршиле во затвор зашто одбиле на полицајци да им дадат бесплатни хамбургери

Пакистански полицајци уапсиле 19 вработени на ресторан за брза храна, бидејќи одбиле бесплатно да им подготват хамбургери, пренесуваат локалните медиуми.

Вработените на синџирот за брза храна „Johnny & Jugnu“ во источната пакистанска метропола Лахоре, морале да ги напуштат кујната и своите клиенти и да поминат во затвор седум часа во текот на ноќта од саботата кон неделата.

„Ова не е првпат“, се наведува меѓу другото во соопштението на компанијата.

Според нив, инцидентот се случил кога вработените, главно студенти, одбиле да „подготват порачка за многу посебен гостин“.

Кога нечесната полициска постапка е откриена на социјалните мрежи, девет полицајци се суспендирани во понеделникот, објави на Twitter Инам Гани, началник на полицијата во Лахоре.

„Никој не е над законите“, објави Гани во својот твит.

Пакистанската полиција ја следи лоша репутација дека е корумпирана и дека нејзините припадници често од трговците бараат мито.

Пакистанскиот премиер Имран Кан повика на реформа на полицијата во провинцијата Панџаб и ги обвини тамошните политичари дека на водечките места во полицијата ги „вработуваат своите јатаци“ за преку нив да ги контролираат локалните полиции.