Завршна конференција во рамки на Европската шема за млади професионалци од Западен Балкан

На 21-ви и 22-ри јули, Британскиот совет одржа онлајн регионална конференција, со која беше означена завршницата на Шемата на Европската унија за млади професионалци од Западниот Балкан. Учесниците на оваа конференција – млади државни службеници од државите на Западниот Балкан, како и претставници од делегациите на Европската унија и министерствата дискутираа за клучните постигнувања на проектот во врска со регионалната соработка на државните служби, во контекст на процесот на пристапување кон ЕУ.

Главни говорници на завршната онлајн проектна конференција беа Ангус Бјарнасон, Заменик на регионалниот директор на Британскиот совет и Женовева Руиз Калавера, Директорка за Западниот Балкан во рамки на Генералниот директорат на Европската комисија за соседска политика и преговори за проширување за Западниот Балкан.

Во текот на конференцијата беа презентирани регионалните и националните истражувачки проекти за: развој на ново лидерство во државните администрации на државите од Западниот Балкан, задржување на кадрите, функционирање за време на пандемијата на Ковид-19, дигитална трансформација и модерни предизвици и можности за ефективно управување со јавните служби. Наодите од овие истражувања ќе бидат споделени со претставниците од државните администрации од Западниот Балкан, со цел да се подобри и зајакне соработката.

На конференцијата беше презентирана и онлајн платформата наменета за младите државни службеници од државите од Западниот Балкан, која беше изработена во текот на самиот проект. Конференцијата претставуваше извонредна можност за учесниците во проектот да ги анализираат утврдените наоди и да дискутираат за рамката за нивната идна соработка во однос на пристапувањето кон ЕУ и зајакнувањето на капацитетите на државната администрација.

„И покрај предизвиците предизвикани од пандемијата на Ковид-19 во текот на изминатите неколку месеци, проектот продолжи со успешно јакнење на капацитетите на учесниците и на регионалната соработка, преку создавањето мрежа на државни службеници во земјите од Западниот Балкан, кои работеа заеднички, во потрага по взаемни решенија за вообичаените предизвици што ги споделуваат“, посочи Бјарнасон.

Во рамки на Шемата за млади професионалци, финансирана од страна на ЕУ и имплементирана од Британскиот совет, почнувајќи од октомври 2016 година, 90 млади државни службеници од Западниот Балкан, во рок од две недели ги посетуваа едукативните програми на Институтот за политички студии (Sciences Po) во Париз и на Европскиот колеџ во Бриж и спроведоа регионална размена во шесте главни градови. Во текот на регионалната размена, тие анализираа повеќе различни аспекти поврзани со агендата за проширување на ЕУ.

„Со големо задоволство учествувам на денешната виртуелна средба со цел да се оддаде признание на вашите постигнувања и да се означи завршетокот на првата фаза од програмата во реализација на Британскиот совет. Шемата на Европската унија за млади професионалци од Западниот Балкан овозможува навистина вредни можности за соработка за младите државни службеници од регионот, со придонес кон реформата на јавната администрација и воспоставување цврсти мрежи помеѓу колегите од исти ниво насекаде низ регионот. Крајната цел на секоја добра и функционална јавна администрација е да понуди подобри услуги за граѓаните и деловната заедница. Транспарентната, отчетна и одговорна јавна администрација обезбедува поволни услови за економски развој и создавање нови работни места и е од клучна важност за придвижувањето на целиот регион во вистинската насока кон Европската унија. Упатувам честитки до 90-те државни службеници кои ја завршија програмата до сега. Со голема радост ги очекувам следните нови генерации на државни службеници кои ќе бидат дел од програмата во следната 2021 година”, посочи Калавера.