Завршни подготовки на репрезентацијата пред последниот тест спроти ЕУРО 2020

Македонската фудбалска репрезентација попладнево го одржа завршниот тренинг пред утрешниот натпревар во Скопје против Казахстан што за „црвено – жолтите“ ќе биде последна проверка пред заминувањето за Букурешт на ЕУРО 2020.

На тренингот на комплексот „Петар Милошевски“ отсуствуваше само играчот за врска Енис Барди, кој денеска почна со индивидуални тренинзи во очекување на негативен тест на коронавирус.

Неговиот соиграч од средината на теренот Феран Хасани го одработи тренингот со заштитна маска на носот по повредата што ја здоби во понеделникот на пријателскиот натпревар против Словенија (1:1).

Натпреварот против Казахстан се игра утре со почеток од 18 часот на арената „Тодор Проески“.

Македонските фудбалери на стартот на ЕУРО2020 за противник ја имаат Австрија, на 13 јуни во Букурешт.