Завршницата од војната во Украина ќе влијае врз идните меѓународни односи, изјави Пендаровски

-Војната во Украина е најголемата закана за мирот и за европската безбедност, чиј исход ќе влијае врз поредокот, не само на нашиот континент, туку и во меѓународните односи низ годините што доаѓаат. Војна што ќе покаже дали годините на демократски развој во Европа, после крајот на Студената војна, се залудно потрошени за реализација на една апстрактна идеја или, пак, демократијата сè уште е жилава и доволно силна да покаже отпорност кон ретроградните и авторитарни режими и предизвиците коишто тие ги создаваат, истакна денеска претседателот Стево Пендаровски на конференцијата „Украина – две години хероизам“ во организација на Амбасадата на Украина, во соработка со ЦИВИЛ – Центар за слобода.

Пендаровски истакна дека оваа војна ќе покаже дали примената на сила ќе стане основниот принцип којшто треба да ја одредува природата на односите меѓу државите и во ова столетие или ќе остане на сила она што е запишано во Повелбата на Обединетите нации дека земјите членки се рамноправни меѓу себе, независно дали се мали или големи.

– Евентуалниот триумф на овој ретрограден принцип, излезен од архивите на минатите векови, би бил рецепт за трајна нестабилност во светот и враќање во едно не толку далечно минато кога геополитичките игри и интереси на големите беа далеку посилни од слободната волја на народите, рече шефот на државата.

Поради ова, додаде Пендаровски, влогот на сиот демократски свет е огромен, а консеквенците од одбранбената војна којашто Украина денес ја води ги надминува нејзините граници.

-Минатата година, на овој ист ден, рече тој, посакавме никогаш повеќе да не се собираме за да ги одбележуваме годините на борбата за слобода на Украина, туку да го прославиме ослободувањето од рускиот окупатор и хероизмот на украинскиот народ. За жал, денес, бруталната агресија врз оваа наша пријателска држава од страна на режимот на Путин навлегува во третата година, а загубите во човечки животи, страдањата на милиони луѓе низ целата земја, девастирачките последици и разрушувањата не се намалуваат, додаде Пендаровски.

За овие две години, како што кажа тој, сведоци сме на сета нечовечност на еден режим отсечен од реалноста, кој како да е излезен од најтемните времиња на европската историја од минатиот век, во целосен расчекор со реалноста на 21 век. -Таа персонална диктатура се обидува, не само да наметне ревизија на историјата, туку и да ги промени границите во Европа, во спротивност на сите меѓународно-правни договори кои ги гарантираат мирот, стабилноста и безбедноста на континентот по крајот на Втората светска војна, рече претседателот.